Заборавете го класичното ладно кафе: ова е пијалак што моментално го освојува светот

Еден од најпопуларните трендови во светот на кафето наскоро пристигнува и кај нас. Станува збор за „coconut water americano“, освежителен пијалак што во последните месеци ги освои социјалните мрежи и љубителите на специјализирано кафе ширум светот.

Овој пијалак претставува едноставна варијанта на класичното ледено американо, во која водата се заменува со кокосова вода. Резултатот е лесен и освежителен пијалак што ја спојува интензивноста на еспресото со блага природна сладост на кокосот.

За подготовка се потребни само три состојки: мраз, кокосова вода и еден или два еспреса. Во чашата прво се става мраз, потоа се додава кокосова вода, а на крај свежо подготвен еспресо. Кафето може да се подготви во еспресо машина, мока пот или со капсули, зависно од опремата.

Токму вкусот е причината зошто овој пијалак станал толку популарен. Кокосовата вода ја ублажува горчината на кафето благодарение на својата природна сладост и лесни минерални ноти, без да го претвори пијалакот во сладок десерт. Затоа претставува привлечна алтернатива за сите што сакаат ладно кафе без млеко, павлака или сирупи.

По желба може да се додадат мед, сируп од агава или неколку капки лимета за дополнителна свежина. Сепак, најчесто се служи во наједноставна верзија – само кокосова вода, мраз и еспресо – што го прави идеален пијалак за претстојните летни денови.

Трендот често се поврзува со њујоршкиот кафе-бар Rhythm Zero, каде се служи под името Coco Americana.

Најчитано