Етиопија забрани бензински коли и стана електрично чудо

Етиопија, една од најсиромашните земји во Африка, се претвора во неочекуван лидер во електричната мобилност, откако стана првата земја во светот што го забрани увозот на возила со погон на фосилни горива и за две години стигна до повеќе од 100.000 електрични автомобили на патиштата.

Потегот на Адис Абеба на прв поглед изгледа радикално, но зад него стои студена економска логика. Земјата со околу 140 милиони жители троши огромни суми за увоз на нафта и горива, додека истовремено располага со голем потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Етиопија потрошила околу 4 милијарди евра за увоз на фосилни горива во 2023 и 2024 година, а цените на дизелот и нафтата се зголемиле повеќе од трипати од 2022 година. Во таква ситуација, електричните автомобили не се само еколошка приказна, туку начин државата да го намали притисокот врз девизните резерви и зависноста од увоз.

Две години по забраната за увоз на возила со внатрешно согорување, близу 8 проценти од возниот парк во Етиопија е на струја. Од околу 1,2 милиони регистрирани возила, повеќе од 100.000 се електрични, а владината цел е до 2030 година бројката да стигне до 500.000.

Клучна улога во оваа стратегија има Големата етиопска ренесансна брана на Нил, најголемата хидроцентрала во Африка. Со капацитет од 5.150 мегавати, браната треба да го зголеми домашното производство на струја и да ја зајакне позицијата на Етиопија како регионален извозник на електрична енергија.

Владата воведе и даночни олеснувања за електрични возила, поттикна увоз и склопување на електрични автомобили со делови од Кина и одобри повеќе фабрики за локално склопување. Во Адис Абеба веќе се користат електрични автобуси, а градскиот превоз станува дел од поширокиот обид земјата да го намали загадувањето и трошоците за гориво.

Но електричната револуција има и слаба страна. Нов електричен автомобил чини околу 17.000 евра, сума што е висока во земја каде што многу плати се далеку под европскиот стандард. Дополнителен проблем се недоволниот број станици за полнење, ограничената сервисна мрежа и концентрацијата на инфраструктурата главно во главниот град.

И покрај пречките, приказната за Етиопија ја менува вообичаената слика за тоа кој ја води иднината на автомобилите. Додека богатите земји расправаат за рокови, субвенции и транзиција, Етиопија веќе го направи најрадикалниот потег: го затвори увозот за бензински и дизел возила и ја турна земјата кон електрична иднина.

Најчитано