МНТ го освои Дубровник со наградуваната „12“

МНТ

Македонскиот народен театар на 5 јуни оствари исклучително успешно гостување во Казалиште „Марин Држиќ“ во Дубровник, Република Хрватска, изведувајќи ја повеќекратно наградуваната претстава „12“, работена според култното дело „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз, во адаптација и режија на Синиша Евтимов. 

Ансамблот на Македонскиот народен театар, заедно со директорот Никола Кимовски, беше пречекан со особена срдечност и искрено гостопримство од страна на домаќинот – Казалиште „Марин Држиќ“ и директорот Паоло Тишљариќ. 

Во пресрет на изведбата, домаќините организираа прошетка низ историското јадро на Дубровник, а членовите на ансамблот имаа можност одблиску да се запознаат со богатото културно и историско наследство на градот, еден од најзначајните културни центри на Медитеранот. 

Изведбата на „12“ беше проследена со извонреден интерес и воодушевување од дубровничката публика, која со големо внимание ја следеше претставата од почеток до крај. Моќната актерска игра на: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Дамјан Цветановски/Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев, прецизната режиска концепција и темите кои ги отвора претставата наидоа на извонреден прием кај публиката, која изведбата ја проследи со превод на хрватски јазик. 

Актерите беа наградени со долг, искрен аплауз, како силна потврда за уметничката вредност на претставата. 

„12“ е претстава која во изминатиот период оствари значаен успех кај публиката и стручната јавност, а на 59-от МТФ „Војдан Чернодрински“ беше наградена со признание за уметничко остварување во целина, специјална награда за колективна игра и награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“, доделена на Оливер Митковски. 

Гостувањето во Дубровник претставува уште една можност за претставување на продукцијата на Македонскиот народен театар пред регионалната публика и за понатамошно развивање на соработка со најголемите театарски институции во регионот.

Најчитано