Вилтон Сампајо ќе го суди отворањето на Светското првенство

ФИФА

Бразилскиот судија Вилтон Сампајо е назначен да го води првиот натпревар на Светското првенство во фудбал, во кој на 11 јуни ќе се сретнат Мексико и Јужна Африка. Со тоа, искусниот јужноамерикански арбитар ќе биде во центарот на вниманието уште на стартот на најголемиот фудбалски турнир.

Сампајо има 44 години и е на листата на ФИФА од 2013 година. Тој веќе има искуство од најголемата сцена – беше ВАР судија на Светското првенство во 2018 година, а четири години подоцна делеше правда и на Мундијалот во Катар. Претходно судеше и на Арапскиот куп во 2021 година.

Во ВАР собата за дуелот меѓу Мексико и Јужна Африка ќе биде Колумбиецот Николас Гало. ФИФА за ова Светско првенство избра вкупно 52 главни судии, 88 асистенти и 30 видео-судии од сите шест конфедерации, што го прави ова едно од најобемните судиски изданија во историјата на турнирот.

Отворањето носи и симболична тежина за двете репрезентации. Мексико, како еден од домаќините на турнирот, ќе игра пред своја публика, додека Јужна Африка ќе се обиде да го повтори впечатокот од 2010 година, кога како домаќин го отвори Мундијалот токму против Мексико со реми 1:1.

ФИФА веќе ги одреди судиските тимови и за следните натпревари. Јужна Кореја – Чешка ќе го суди Египќанецот Амин Мохамед, Канада – Босна и Херцеговина ќе ја води Аргентинецот Факундо Тељо, додека САД – Парагвај му е доверен на Холанѓанецот Дани Макели.

Судиската тема доби дополнително внимание и по случајот со сомалискиот арбитар Омар Абдулкадир Артан, кому му бил одбиен влез во САД. Артан беше избран меѓу официјалните лица за турнирот, но според објавените информации нема да може да дебитира на Светско првенство.

Најчитано