Новата поетска збирка „Длабок простор” од Зоран Анчевски ќе биде промовирана на 16 јуни (вторник), со почеток во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк” во „Дајмонд мол”. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”, ќе ја промовираат: Лидија Капушевска Дракулевска, Биљана Стојановска и Оливера Ќорвезироска.
„Длабок простор” е десетта поетска збирка на Зоран Анчевски. Таа продолжува таму каде што завршуваат неговите претходни книги, но истовремено отвора нови патишта и поетски предели во кои песната скршнува и понира, за повторно да се врати уште попрецизна, побогата и подлабока, како што сугерира и самиот наслов.
Згуснатата лирика на Анчевски, препознатлива по својата гномска ориентација и по стремежот кон совршенство на поетскиот израз, во оваа книга е обликувана низ строго осмислен и доследно реализиран концепт. Збирката е составена од пролог – песна исполнета со прашања, пет циклуси и кода, завршна песна што нуди универзален одговор и ја заокружува книгата како своевидна програмска песна за песната, онаква каква што ја подразбира и ја создава Анчевски – еден од најзначајните современи македонски поети.
„Длабок простор” е втора книга на Анчевски објавена во издание на „Арс Ламина”, по наградуваната поема „Коњски житија”, која во 2023 година ја доби престижната награда „Григор Прличев”.
Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, книжевен преведувач и универзитетски професор. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што подоцна докторирал и работел како професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Член е на Македонскиот ПЕН центар (бил и негов претседател) и на Друштвото на писателите на Македонија.
Автор е на повеќе значајни поетски книги, меѓу кои се: „Патување низ скршени слики”, „Стратегија на поразот”, „Линија на отпорот”, „Превод на мртвите”, „Див мир”, „Небесна пантомима”, „Збунети компаси”, „Коњски житија”… За своето творештво е добитник на повеќе престижни признанија, меѓу кои и на наградата за поема „Григор Прличев” и наградата „Ацо Шопов” на Друштвото на писателите на Македонија за „Коњски житија”. Анчевски е двократен добитник и на наградата „Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата, за „Небесна пантомима” и за „Збунети компаси”.
Поетската збирка „Длабок простор” е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
