Зошто фудбалерите на Мундијалот носат розови копачки?

Розовите копачки станаа еден од највпечатливите визуелни детали на Мундијалот, уште од отворањето меѓу Мексико и Јужна Африка на 11 јуни, кога голем број фудбалери излегоа на терен со речиси идентични нијанси на розова боја. Трендот не е случајност: Nike, Adidas, Puma, New Balance и Skechers речиси истовремено лансираа модели во розови и фуксија-тонови, претворајќи го теренот во неочекувана модна писта.

Фудбалските копачки одамна не се само дел од опремата. Тие се маркетинг, идентитет, самодоверба и телевизиска слика. Ако некогаш црната боја беше стандард на фудбалските терени, последните две децении донесоа експлозија на бои, а Мундијалот во 2026 година очигледно ја избра розовата како најсилен визуелен код.

Една од причините е видливоста. Розовата, особено во неонски и фуксија-нијанси, силно се издвојува од зелената трева. Тоа ја прави впечатлива не само за гледачите на стадион, туку и за телевизиските преноси, мобилните екрани, фотографиите и забавените снимки. За брендовите, тоа значи повеќе препознатливост во секој кадар.

Втората причина е модниот тренд. Уште во 2024 година, агенцијата за трендови WGSN предвидела дека „Electric Fuchsia“ ќе биде една од доминантните бои во 2026 година. Производителите на спортска опрема често ги следат ваквите тренд-прогнози пред да ги развијат големите турнирски колекции.

Nike, Adidas и Puma не се единствените што тргнаа во оваа насока. SoccerBible наведува дека Nike, Adidas и New Balance ја избрале розовата како главна боја во своите мундијалски пакети, додека Puma и Skechers користат слични розови и неонски тонови во своите модели. Footy Headlines оценува дека токму ова усогласување меѓу големите брендови ја направи розовата доминантна боја на стартот од турнирот.

Во позадина стои и психологијата на играчите. Светлите и нападни бои, според објаснувањата, им даваат чувство на самодоверба на спортистите, особено во големи моменти како Светско првенство. Кога играч носи копачки што не можат да останат незабележани, тоа станува и порака: тој сака да биде виден.

Но, има и парадокс. Ако сите брендови користат слична розова нијанса, тогаш копачките стануваат помалку препознатливи како производ на конкретна компанија. Она што требаше да биде борба за внимание може да се претвори во визуелна униформност, во која гледачот тешко разликува дали фудбалерот носи Nike, Adidas, Puma или New Balance.

Сепак, не сите ѕвезди се вклопуваат целосно во розовиот бран. се издвојуваат специјални модели како копачките на Лионел Меси со аргентински тонови, моделот на Кристијан Пулишиќ со светлосини елементи, како и најавениот златен модел на Кристијано Роналдо за првиот натпревар на Португалија против ДР Конго на 17 јуни.

Розовата доминација, најверојатно, нема да трае засекогаш. Како и секој голем спортски тренд, таа ќе биде заменета со нова боја, нова комбинација и нов маркетинг-наратив. Но за овој Мундијал, барем на стартот, розовите копачки веќе станаа еден од најлесно препознатливите симболи на турнирот.

Најчитано