На Богородица запленет златен накит вреден 1,1 милион денари

Царинските службеници на граничниот премин Богородица заплениле четири златни ланчиња со вкупна вредност од 1,1 милион денари, кои двајца косовски државјани се обиделе нелегално да ги внесат во земјава.

Според информациите од Царинската управа, накитот бил со вкупна тежина од 190,6 грама. Осомничените го купиле во Турција, а при преминувањето на границата го ставиле на себе и го прикриле под облеката.

Случајот бил предаден на Одделението за истраги при Царинската управа, кое против двајцата поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија поради сомнение за криумчарење.

Ова е единаесетта заплена на злато од почетокот на годинава. Во досегашните случаи царинските службеници одзеле вкупно околу два килограма златен накит.

Четири од заплените биле извршени на граничниот премин Богородица, пет на Меѓународниот аеродром Скопје, а по една на премините Табановце и Блаце.

Во девет од откриените случаи, Одделението за истраги повело кривични постапки против вкупно десет лица за сомнение дека сториле кривично дело криумчарење.

Најчитано