Повеќе улици, населби и значајни јавни објекти во Скопје во сабота, 20 јуни, ќе останат без вода поради санација на дефект на водоводната мрежа на кејот на Вардар и на булеварот „Крсте Петков Мисирков“.
Прекинот ќе започне во 9 часот и ќе трае до 22 часот, информираат од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“. Со интервенцијата ќе бидат опфатени корисници во општините Центар, Чаир и Гази Баба.
Без вода ќе останат објектите на Македонската академија на науките и уметностите, Основниот кривичен суд Скопје, Младинскиот културен центар, Националната и универзитетска библиотека и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Прекин ќе има и во трговските центри „Мавровка“ и „Ист Гејт“, Македонската радио-телевизија, дел од Старата скопска чаршија кај Саат-кулата, како и во населбата Крњево.
Без вода ќе бидат и корисниците на улиците „Петар Ѓеоргиев“, „Отокар Кершовани“ и „Адвокатска“, како и на дел од булеварот „Крсте Петков Мисирков“.
Од јавното претпријатие предупредуваат дека можен прекин или намален притисок во водоснабдувањето ќе има и во делови од Автокоманда, односно во ниската зона кон населбата Камник.
Редовното водоснабдување се очекува да биде воспоставено по завршувањето на санацијата, предвидено за 22 часот. Граѓаните и институциите во погодените подрачја треба навреме да обезбедат резерви вода за периодот на интервенцијата.
