Основниот кривичен суд Скопје му определи осумдневен притвор на 44-годишниот И.Д. од Скопје, осомничен за палењето на две службени возила на Амбасадата на Бугарија.
Судот го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје, кое поведе постапка против осомничениот за кривичното дело „предизвикување општа опасност“. Според Министерството за внатрешни работи, тој го признал делото.
Од Обвинителството информираа дека осомничениот пристигнал со автобус во близина на амбасадата на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, по што на блиска бензинска станица наполнил гориво во пластично шише.
Според сомненијата, со горивото ги запалил двете дипломатски возила, создавајќи значителна опасност за луѓето и за имотот во околината. Инцидентот се случил среде бел ден, во централен и фреквентен дел на Скопје.
Јавниот обвинител побарал притвор имајќи ги предвид видот и тежината на делото, местото и времето на неговото извршување, како и опасноста што пожарот ја предизвикал за минувачите, возилата и околните објекти.
