Во битолско 6000 жители пијат докажано неисправна вода

вода
Луѓе полнат вода во шишиња на изворот Сребрена Вода / Фото: Е.М.

Иако Битолскиот Регион е еден од хидролошки најбогатите во земјата, околу 6 000 жители од руралните места пијат докажано неисправна вода. Додека чекаат да се остварат децениските ветувања за приклучување на битолскиот водовод, се снаоѓаат со бунари, шишиња и импровизирани локални системи. Овој јаз помеѓу урбаната и руралната Битола го отвара прашањето за пристапот до безбедна вода како основно човеково право.

Авторки: Светлана Петковска* и Емилија Мисирлиева**

На периферијата на Битола, на само неколку километри од границата со Европската Унија во пограничниот регион со Грција, живеат луѓе што сè уште немаат пристап до вода за пиење.

Секојдневието тука повеќе потсетува на некое минато време. Жителите копаат бунари за техничка вода, а за пиење полнат шишиња и канистри од јавни чешми или од подалечни извори.

Една од куќите околу Битола кои немаат вода / Фото: Е.М.

„На 200 метри сме од таблата за Битола, а вода немаме. Сите имаме бунари, луѓе ги копаат и си плаќаме. Таа вода ја користиме само за технички потреби. За пиење одам на чешма, со шишиња и кофи на велосипед. Многу е мачно на овие години, ама без вода тешко е и за стари и за млади“, раскажува 90-годишниот Петко Крстевски.

Овој дел на излезот од градот кон селото Бистрица се наоѓа во еден од хидролошки најбогатите региони. Тука е изворот Сребрена Вода, од кој со децении битолчани полнат вода за пиење, како и многубројни природни чешми што локалното население сè уште ги користи. Во непосредна близина е и некогашниот извор Кисела Вода, кој во локалното сеќавање останува симбол на природно изобилство.

Додека Битола се потпира на стабилен водоводен систем, повеќе од 120 домаќинства и мали стопански објекти од овој дел од градот живеат без водоводна мрежа.

Проекти само на хартија

Жителите со години бараат решение за приклучување на градскиот водоводен систем, но проектите остануваат во фаза на најави и планови.

„Јас ја започнав акцијата за да се донесе вода во ова место. Беше направен проект од страна на ‘Водовод’ пред пет-шест години, го однесовме во Општина, но потоа ни рекоа дека нема вода. Кажаа дека нема доволно притисок, во догледно време ќе гледаат да нѐ поврзат на главниот водовод од Битола и таа линија да оди до село Бистрица, ама ветувањето остана само на збор“,  вели Крстевски.

Од Општина Битола, во службен одговор, се наведува дека водоснабдувањето во градот е обезбедено во рамките на Генералниот урбанистички план (ГУП), но за овие населби е потребна дополнителна планска документација.

„Жителите имаат доставувано барања, на кои им е одговорено дека во рамките на програмите и приоритетите, Општина Битола ги разгледува нивните барања, и во иднина ќе пристапи кон решавање на отворените проблеми. За овој дел е потребна дополнителна планска документација за вклопување на објектите, а приклучување на водоводната мрежа ќе има за објектите што се изградени во согласност со Генералниот урбанистички план. Изработката на планската документација, која Општина Битола треба да ја изработи за да ги вклопи легализираните објекти во овој дел, е процес што трае подолго време“, се наведува во одговорот од Општина Битола.

Бистрица – сопствен водовод и кал од чешмите

Неколку километри подалеку, во селото Бистрица, со околу 700 жители, состојбата е различна, но резултатот е ист – нема приклучок на градскиот водовод.

Село Бистрица / Фото: Е.М.

Селото користи сопствен водовод изграден со самопридонес. Мештаните од горните делови, од мај до септември остануваат без вода поради неконтролирано трошење, наводнување бавчи, тревници и миење дворови. Според нив, постојат и диви приклучоци на мрежата, што дополнително ја нарушува распределбата.

„Во горната зона живеат повеќе од двесте 200 жители. Собравме потписи, а во Советот на Општина Битола пред неколку години беа одобрени 1 милион денари за реконструкција на селскиот водовод, но средствата не се искористија“, раскажуваат жителите.

Тие додаваат дека постојниот водовод е во многу лоша состојба, а одржувањето се сведува на интервенции само кога ќе се појави дефект. Се плаќа паушал од 200 денари месечно, но не ги подмируваат обврските сите корисници. Нема ниту редовна контрола на квалитетот на водата.

„После врнежи водата е со кал. Таа воопшто не е за пиење, полниме од Сребрена Вода или купуваме. Имавме повеќе иницијативи за приклучување, но очигледно нема интерес за решавање на проблемот“, велат жителите на Бистрица.

Извор: YouTube

Неодамна снимка од чешма во училиштето во Бистрица од која тече матна и каллива вода предизвика реакции во јавноста. Тоа повторно го отвори прашањето за квалитетот на водата и за здравствениот ризик за учениците што секојдневно престојуваат во училиштето.

Од Општината велат дека Бистрица нема пристап до градскиот водовод затоа што дел од населението не се согласува.

„Село Бистрица има водоснабдителен систем изграден од сопствени средства со месен самопридонес, но вода од градскиот водовод нема бидејќи дел од месното население не се согласува со таквиот план. Општина Битола во повеќе наврати има одржано состаноци со нивни претставници токму за оваа проблематика и продолжува во насока на решавање на проблемот“, наведуваат од Општината.

Техничка можност има, нема реализација

Институциите проблемот го сведуваат главно на технички и инфраструктурни прашања. Согласноста од дел од жителите не е единствениот предизвик. Од Јавното комунално претпријатие „Водовод“ – Битола велат дека приклучувањето на населбите на потегот кон Бистрица, како и самото село, на градската водоводна мрежа е технички можно, но процесот е сложен и сѐ уште е во почетна фаза.

„Водоводот во село Бистрица не е поврзан со градскиот водоводен систем, меѓу другото и поради недоволна согласност на дел од месното население за такво приклучување. Дополнително, постојната инфраструктура е оценета како несоодветна за директно преземање и интеграција од страна на ЈКП ‘Водовод’ поради технички и организациски ограничувања“, велат од претпријатието.

Истовремено, додаваат тие, дел од предусловите веќе се создаваат, особено во делот на обезбедување доволни количини вода и подготовка за проширување на системот кон руралните средини.

Фото: Е.М.

„Во моментов, фазата на подготовка е започната, со активности на терен за дефинирање на главните траси, во согласност со Генералниот урбанистички план на Општина Битола“, информираат од „Водовод“.

Во однос на трошоците, од претпријатието посочуваат дека не може да се даде прецизна процена без детална проектна документација, бидејќи тие зависат од трасата и од обемот на зафатите.

„Проширувањето на водоводната мрежа кон овие населби е од витално значење и е вклучено во развојните планови на Општина Битола“, се наведува во одговорот.

Но, додека проектите остануваат во фаза на подготовка, за жителите на терен реалноста не се менува, водата сѐ уште не доаѓа до нивните домови.

Две реалности во Битола: Едни пијат контролирана, други микробиолошки загадена вода

Додека институциите зборуваат за фази и инвестиции, податоците од терен покажуваат дека проблемот има и здравствен ризик. Податоците од Центарот за јавно здравје – Битола (ЦЈЗ) даваат појасна слика за можните последици од недостапноста до чиста вода.

Иако градот Битола и 21 населено место, со околу 80 илјади жители, се снабдуваат со контролирана и безбедна вода од градскиот водовод, реалноста во руралните средини е сосема поинаква. Дури 31 село, со речиси 6 000 жители, имаат сопствени локални водоводи што не се под редовен и системски надзор. Анализите за 2023 година се алармантни: 38 % од примероците од овие водоводи се физичко-хемиски неисправни, а 87 % се микробиолошки неисправни.

Микробиолошките анализи откриваат присуство на колиформни бактерии и ешерихија коли во голем дел од примероците – показател за фекално загадување на водата. Покрај микробиолошката, регистрирана е и хемиска неисправност на водата. Кај дури 92 % од анализираните примероци е утврдено отсуство на хлор, а во 18 % од примероците била утврдена и зголемена заматеност на водата.

Ова практично значи дека во најголем дел од случаите, водата што ја користат овие жители не ги исполнува основните стандарди за безбедност.

Центарот за јавно здравје јасно предупредува дека ваквата состојба претставува голем епидемиолошки ризик. Дополнителен проблем е што во дел од локалните водоводи не се врши редовна дезинфекција, нема континуиран мониторинг и управувањето е оставено на месни заедници без технички капацитет.

„Од извршените санитарно-хигиенски увиди на каптажите, на резервоарите и на водоводната мрежа кај селските водоводи, беше утврдено дека најголем дел од објектите за водоснабдување не ги задоволуваат основните санитарно-хигиенски норми“, се наведува во извештајот на ЦЈЗ.

За надминување на проблемот е неопходно воспоставување јасна институционална одговорност и управување со локалните селски водоводи.

„Потребно е да се определат правни субјекти што ќе стопанисуваат и ќе ги одржуваат локалните селски водоводи. За трајно и успешно решавање на проблемот, таму каде што постојат услови, потребно е нивно сукцесивно приклучување кон градскиот водоводен систем во Битола“, наведуваат од институцијата.

Во вакви услови, Битола функционира како две паралелни реалности. Еден дел од населението користи вода што се контролира двапати неделно и ги исполнува сите стандарди, додека друг дел секојдневно е изложен на вода со докажана микробиолошка неисправност.

Поширок системски проблем

Според Локалниот еколошки акционен план 2024-2030, околу 82 отсто од населението користи водовод, додека другите се снабдуваат со вода од сопствени водоводи, бунари, селски чешми.

Во некои населени места водоводите сѐ уште ги одржуваат месни заедници, а мониторинг на квалитетот на испорачаната вода не се врши редовно. Преземањето на управувањето со селските водоводи од страна на ЈКП „Водовод“ се врши постепено, се наведува во Планот. Истовремено  системот се соочува со огромни загуби, се губат дури 59 % од водата.

Проблемот со локалните водоводи е препознаен и во Планот за специфична имплементација на Директивата за вода за пиење од 2017 година. Како клучна мерка се наведува постепено преземање на управувањето со селските водоводи од страна на ЈКП „Водовод“, со цел поефикасно управување, непрекинато снабдување и подобар квалитет на водата за пиење. Планот предвидува и реконструкција на постојната инфраструктура и замена на значителен дел од дистрибутивната мрежа, со рок за реализација до 2030 година и проценета инвестиција од околу 2 милиона евра.

Правото на вода е законска обврска, не избор

Според Македонското здружение на млади правници, пристапот до вода не е само инфраструктурно или техничко прашање, туку директно поврзано со основните човекови права.

„Правото на снабдување со вода за пиење е признаено како човеково право што е предуслов за уживање на правото на живот и другите човекови права“, наведуваат тие повикувајќи се на Резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во македонскиот правен систем, одговорноста за обезбедување вода е јасно дефинирана. Според Законот за локалната самоуправа и Законот за комуналните дејности, општините се надлежни за водоснабдување, кое го спроведуваат преку јавни комунални претпријатија. Дополнително, Законот за водите ги уредува условите, стандардите и заштитата на водните ресурси, вклучително и обврската за постојано следење на квалитетот на водата.

Сепак, јазот меѓу законот и практиката останува. Дополнителен проблем е и нејасната поделба на одговорност.

„Во практиката, дел од водоводните системи, особено во руралните средини, не се под директна надлежност на општините, туку со нив управуваат месни заедници или неформални групи на жители. Тоа ја усложнува одговорноста за квалитетот на водата“, објаснуваат од Македонското здружение на млади правници.

Сепак, тие истакнуваат дека општините имаат индиректна, но суштинска одговорност, бидејќи не презеле доволно чекори за целосно преземање и уредување на овие системи, како што предвидува законодавството. Во случаи кога водоснабдувањето е во надлежност на јавни претпријатија, граѓаните имаат и правна основа за барање одговорност.

„Правните лица што вршат комунална дејност од јавен интерес одговараат за штета ако без оправдана причина ја запрат или нередовно ја вршат услугата“, потсетуваат од Здружението, повикувајќи се на Законот за облигациони односи.

Граѓаните, додаваат оттаму, имаат повеќе механизми на располагање. Тие може да се обратат до Министерството за транспорт, односно до Министерството за здравство, барајќи тие да извршат надзор над спроведувањето на законските одредби од општините, да се обратат до општинските комунални инспектори или до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Доколку околностите упатуваат на тоа дека може да стане збор за дискриминација, граѓаните може да поведат судски постапки за заштита од дискриминација или да поднесат претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која за разлика од судската постапка е бесплатна. Со оглед на тоа што правото на водоснабдување со вода за пиење е право што пред сѐ треба да го обезбеди државата, односно општините, граѓаните може да се обратат и до Народниот правобранител барајќи заштита на ова право, при што и оваа постапка е бесплатна, укажуваат од Македонското здружение на млади правници.

90 години чекање за вода

Од една страна, Битола има стабилен водоводен систем, редовен мониторинг и целосно исправна вода за пиење.

 Од друга страна, во 31 селска населба жителите користат вода со висок степен на микробиолошка неисправност.

Во средината се надлежните, кои зборуваат за планови, фази и процедури, додека дел од граѓаните и понатаму се снаоѓаат со бунари, канистри и несигурни извори.

Оваа нееднаквост не е само инфраструктурна, туку и правна и здравствена. Граѓаните со право прашуваат како е можно во општина со развиен водоводен систем, дел од нив сè уште да живеат без пристап до вода.

„Ќе помине зимата, ќе дојде пролет, ќе речеме, еве, годинава можеби водоводот ќе стигне и до нашите домови. И повторно ништо“, вели 90-годишниот Петко Крстевски од Битола, кој живее исто како и кога се родил – без пристап до чиста вода.

*Светлана Петковска е активистка во Организација на жени Битола

** Емилија Мисирлиевски е новинарка

Оваа сторија е преземена од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Најчитано