Насилството во Либан продолжува и покрај договорите за прекин на огнот и дипломатските обиди за смирување на Блискиот Исток. Во нов бран израелски воздушни напади врз јужниот дел на земјата загинаа најмалку 18 лица, а 33 се повредени, соопшти либанското Министерство за здравство.
Нападите следувале по жестоки судири меѓу израелските сили и Хезболах. Израелската армија соопшти дека четворица нејзини војници биле убиени во напад во јужен Либан, додека Хезболах презеде одговорност и тврдеше дека уништил три израелски тенка.
Ескалацијата се случува само неколку дена по договорот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, кој требаше да отвори пат кон прекин на судирите на повеќе фронтови во регионот. Прекинот на огнот во Либан беше еден од клучните елементи на договорот, но борбите на теренот никогаш целосно не запреа.
Израел продолжува со нападите врз цели за кои тврди дека се поврзани со Хезболах, додека либанското движење возвраќа со беспилотни летала, артилериски напади и ракети. Израелските власти најавуваат дека нивните сили ќе останат во јужен Либан, иако Бејрут бара целосно повлекување и враќање на раселеното население.
Дополнителна нестабилност предизвика и објавувањето израелска карта со проширена зона на воена контрола во јужниот дел на Либан. Според достапните информации, израелските сили остануваат на позиции и до десет километри во внатрешноста на либанската територија.
Последиците од конфликтот се катастрофални. Во повеќемесечните судири загинаа повеќе од 3.700 луѓе, околу 11.000 беа повредени, а приближно 1,2 милиони жители беа принудени да ги напуштат своите домови. Десетици илјади куќи и станови се оштетени или целосно уништени, а напади беа регистрирани и врз болници и здравствени установи.
И покрај дипломатските пораки за целосно примирје, состојбата во Либан останува крајно нестабилна. Судирите во јужниот дел на земјата покажуваат дека политичките договори сè уште не се преточени во траен мир, а цивилното население повторно ја плаќа највисоката цена.
