„Као, какао“ го отвора БитФест со над 60 настани

Стефановски

Со изведбата на македонскиот мјузикл „Као, какао“, вечерва, 19 јуни, во Битола започнува новото издание на Битолското културно лето „БитФест“, кое до крајот на август ќе понуди повеќе од 60 културни настани на повеќе локации низ градот.

Мјузиклот е инспириран од музиката на Влатко Стефановски, текстот е на Венко Андоновски, а режијата ја потпишува Дејан Пројковски.

Годинешното издание на „БитФест“ ќе трае од 19 јуни до 29 август. Во програмата се вклучени 20 проекти од драмската дејност, шест изложби, 40 музичко-сценски манифестации и две фолклорни манифестации.

Дел од културното лето ќе бидат и традиционалните фестивали „Илинденски денови“, „Битолино“ и „Локум фест“, кои со години привлекуваат публика од земјава и од странство.

Меѓу позначајните настани се најавени настапите на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и хрватскиот ансамбл „Ладо“, како и концертот на пијанистот Симон Трпчески во античкиот локалитет Хераклеја.

На истата локација, на 29 август, „БитФест“ ќе биде затворен со јубилеен концерт на битолската група „Фолтин“, која годинава одбележува 30 години постоење.

Културно-информативниот центар Битола годинава првпат се јавува како директен организатор на фестивалот. Директорот Димитар Михајловски оцени дека селекцијата нуди разновидна програма и содржини наменети за различни генерации и културни интереси.

Како главен мотив на визуелниот идентитет на годинешниот фестивал е избран муралот „Битола, бабам Битола“ на академскиот сликар Борко Лазески, кој се наоѓа во големата шалтер-сала на битолската Пошта.

Настаните ќе се одржуваат во Офицерскиот дом, Центарот за култура, старата битолска чаршија, Хераклеја и на други локации низ градот.

Со програмата што ќе трае повеќе од два месеца, Битола повторно се позиционира како еден од главните центри на културните случувања во Македонија во текот на летниот период.

Најчитано