ПИОМ не може да ги исплати пензиите сам

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не може самостојно да ги покрие трошоците за исплата на пензиите, а неговата зависност од државниот буџет станува сè поголема, покажува најновата ревизија на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле дека првиот пензиски столб континуирано работи со негативно финансиско салдо, бидејќи приходите од придонеси не се доволни за покривање на расходите за пензии. Разликата редовно се надоместува со трансфери од централниот буџет.

Во периодот од 2014 до 2024 година, средствата од државниот буџет учествувале со меѓу 32,6 и 43,6 отсто во вкупните приходи на Фондот. Во 2024 година буџетските трансфери достигнале историски највисоки 690 милиони евра.

Според ревизорските процени, во 2025 година буџетската поддршка можела да надмине 800 милиони евра, поради зголемувањата на пензиите кои не биле проследени со соодветен раст на платите, бројот на осигуреници и приходите од придонеси.

Ревизијата предупредува дека иако пензиите се исплаќаат редовно, фактичката одржливост на системот е нарушена. Главните причини се стареењето на населението, нискиот наталитет, иселувањето, неповолниот сооднос меѓу вработените и пензионерите и недоволните приходи од придонеси.

Дополнителен проблем претставуваат линеарните зголемувања на пензиите. Ревизорите посочуваат дека секое покачување кое не е поткрепено со реален раст на економијата и приходите на Фондот создава нов притисок врз државниот буџет.

До крајот на 2024 година во Македонија имало 345.794 пензионери, од кои 137.216 или 39,6 отсто примале минимална пензија.

Ревизорите утврдиле и доцнење во уплатата на придонесите за здравствено осигурување на пензионерите. Заклучно со февруари 2026 година, неисплатените обврски кон Фондот за здравствено осигурување достигнале 8,4 милијарди денари, односно околу 136,4 милиони евра.

Долгорочните проекции покажуваат дека без структурни промени потребата од буџетска поддршка ќе продолжи да расте. Во сценарио без реформи, трансферите од буџетот би можеле да се зголемат од околу 35 милијарди денари во 2030 година на 88,8 милијарди денари во 2055 година.

Државниот завод за ревизија препорачува при идните одлуки за висината на пензиите да се земат предвид реалните приходи на Фондот, движењето на платите, бројот на осигуреници и долгорочниот товар врз буџетот.

Наодите покажуваат дека редовната исплата на пензиите засега не е загрозена, но таа сè повеќе зависи од даночните приходи и од капацитетот на државниот буџет да го покрива растечкиот дефицит.

Најчитано