Мицкоски ја смени реториката: Од закани кон маркетите до преговори

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски најави средби со добавувачите, производителите и дистрибутерите, само еден ден откако со остар тон им порача на маркетите дека Владата нема да прифаќа оправдувања за високите цени.

Новата порака доаѓа по состанокот со претставниците на најголемите трговски синџири, на кој, според Мицкоски, била договорена заедничка цел – годишното зголемување на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три отсто.

„Во наредниот период ќе следат средби и со добавувачите и производителите, со цел заеднички да придонесеме годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под три проценти“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека Владата ќе бара системско решение и дека сите учесници во синџирот, од производителите и добавувачите до маркетите, треба да покажат општествена одговорност.

Државниот пазарен инспекторат добил задача да направи споредбена анализа на цените по кои добавувачите им ги продавале истите производи на маркетите во мај 2025 и мај 2026 година, како и на крајните цени што ги плаќале граѓаните.

Целта на анализата е да се утврди во кој дел од синџирот се создава растот на цените на основните прехранбени производи.

Само еден ден претходно Мицкоски им порача на трговците, дистрибутерите и производителите дека нема да прифаќа изговори и дека Владата ќе реагира доколку во наредните денови не бидат намалени цените.

Тој тогаш најави и јавно објавување на споредбите меѓу цените во Македонија и во регионот, како и можност маркетите да бидат посочени по име доколку не покажат реакција.

По средбата со трговските синџири, тонот е помек, а фокусот е префрлен кон разговори со сите учесници во синџирот на снабдување.

Мицкоски тврди дека во мај годишниот раст на цените на основната храна бил меѓу 4,5 и 4,7 отсто, а целта на Владата е веќе во јули да се спушти под три отсто.

Владата разгледува и промени на одредени законски решенија доколку договорената цел не биде исполнета, но засега не е објавено кои конкретни мерки би биле преземени.

Најчитано