Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кочо Андоновски, „Скопје Прајд“: Да се биде горд и гласен значи отпор против системот

Под мотото „Гласни и горди“, во сабота на 24 јуни 2023 година ќе се одржи четвртиот Скопје Прајд. Почетната точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици и ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Поразговаравме со Кочо Андоновски кој е дел од организацискиот одбор на Скопје Прајд околу годинешното издание и сите предизвици кои им стојат на патот.

Трн: Четвртата по ред Парада на гордоста/Скопје Прајд, годинава, што е ново во однос на минатите години и колку луѓе очекувате да се приклучат на протестниот марш?

Кочо: Да, ова е четврто издание на Парадата на гордоста и оваа година е новост тоа што се отвораме како платформа и за многу други каузи и други групи кои не’ поддржуваат но, исто така, сакаат својата порака да ја пренесат на јавноста. Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикавме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават и организирано да учествуваат во активностите на Парадата на гордоста. Не сакаме да лицитираме со бројки, но со оглед на фактот дека минатата година се придружија околу 3000 луѓе, очекуваме барем исто толку да дојдат и оваа година.

Трн: Под мотото Гласни и горди, колку треба да сте гласни и горди за да се допре до луѓето и да се промени нивниот став?

Кочо: Во нашиот актуелен контекст и загрижувачки силното негативно мобилизирање на верските заедници, конзервативните и популистичките политичари и партии, како и антиродовите движења против ЛГБТИ заедницата, особено против најранливиот и најмаргинализираниот дел од заедницата, тоа се трансродовите луѓе, да се биде Горд и Гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет.

Трн: Освен Тамара Тодевска, кои други јавни личности ве поддржуваат и дали годинава некои од нив јавно ќе застанат во одбрана на ставот?

Кочо: Тамара Тодевска, без дилема е една од нашите најголеми музички ѕвезди и се радуваме што ќе настапи во музичко забавната програма на Скопје Прајд, ќе има ди џеј настапи, како и секогаш интересните за публиката настапи на дрег кралиците.

Што се однесува до личностите кои ја поддржуваат Парадата, ги има навистина многу. Можеби е поважно тоа што секоја година Скопската парада на гордоста е настан којшто забележува сè поголемо присуство на младите. Тоа укажува дека на младите повеќе од било кога им е потребна видливост на нивните идентитети. Големата излезност на младите на Парадата покажува дека сепак постои надеж дека генерациите што доаѓаат имаат и недвосмислен политички став и дека се тука и се гласни. Изминатите години можевме да видиме и родители коишто гордо застанаа покрај своите ЛГБТИ+ деца и маршираа за нивните права. Со ова тие испраќаат порака кон другите родители што можеби сè уште се плашат или не знаат како да ги прифатат своите деца – дека друга реалност е возможна за нив. Овие храбри исчекори се основата за тоа како сакаме да изградиме еднакво општество.

Трн: Која е целта на овој марш и кои пораки ќе ги слушнеме?

Кочо: Многу нешта, во многу земји, се променија од првиот Прајд, одржан 1970 година, во Њујорк. Но, напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството. Прајдот го обезбедува основниот предуслов во борбата за еднаквост – видливоста. Има една синтагма која вели: ако си видлив – постоиш, ако постоиш имаш права, ако не си видлив – не постоиш, ако не постоиш нема права. Затоа Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост.

Трн: Каква програма е предвидена?

Кочо: Парадата на гордоста ќе се одржи на 24 јуни 2023 година. Почетната точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години и ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРСМ во Градскиот парк.  Свои обраќања ќе имаат активистката Лила Милиќ и претставникот на Партијата на Зелените од Германија, Мина Џек, како и мајка на геј момче, Славица Гајдаѕис Кнежевиќ која гордо со нас ќе го изоди маршот за еднаквост на ЛГБТИ луѓето. Забавната програма во Стадионот на АРСМ ќе ја води нашата драга пријателка Ронда Ву, македонска дрег кралица од Њу Јорк, ќе имаме настап на неприкосновената кралица и еден од најдобрите вокали Тамара, дрег колективи од Скопје и Белград како повеќе диџеј сетови на камионите за време на маршот и како завршница на забавната програма во стадионот на АРСМ.

Организатор на Скопје Прајд парадата е Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, а неуморно работи посветен тим составен од искусни и од млади луѓе кои сакаат да дадат свој придонес за Парадата.

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, основана 2014 година, е неформална мрежа на здруженија на граѓани и неформални групи кои здружено работат на унапредување на гарантирањето и уживањето на човековите права на ЛГБТИ луѓето во Македонија.

Александра Тодоровиќ (Трн)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново