Сенатот изгласа Трамп да ги запре воените операции против Иран

Американскиот Сенат усвои резолуција со која од претседателот Доналд Трамп се бара да ги запре воените операции против Иран и за секоја идна воена акција да побара одобрение од Конгресот.

Резолуцијата беше усвоена со 50 гласа „за“ и 48 „против“. За неа гласаа и четворица републикански сенатори – Сузан Колинс, Лиса Мурковски, Ренд Пол и Бил Касиди.

Демократскиот сенатор Џон Фетерман гласаше против, додека двајца републиканци не присуствуваа на гласањето.

Истата резолуција претходно беше усвоена и во Претставничкиот дом со 215 гласа „за“ и 208 „против“. Со тоа, двата дома на американскиот Конгрес првпат од усвојувањето на Законот за воени овластувања во 1973 година поддржаа мерка со која од претседателот се бара да ги повлече американските сили од воени дејства.

Резолуцијата предвидува американските сили да бидат повлечени од непријателствата со Иран, освен во случај на самоодбрана или доколку Конгресот издаде посебно одобрение за употреба на воена сила.

Гласањето претставува политички удар за Трамп, бидејќи дел од републиканските законодавци им се придружија на демократите во оспорувањето на неговото право самостојно да одлучува за продолжување на воените операции.

Трамп ја оцени резолуцијата како „лошо темпирана и бесмислена“ и ги обвини сенаторите што ја поддржаа дека ја отежнуваат неговата позиција во преговорите со Техеран.

Белата куќа тврди дека мерката нема правна сила, бидејќи не се испраќа до претседателот за потпис и бидејќи воените дејства, според администрацијата, веќе биле прекинати со договорот за примирје.

Правните експерти, сепак, посочуваат дека останува отворено прашањето дали Конгресот може со ваква резолуција да го обврзе претседателот да ги прекине воените операции. Спорот може да заврши и пред американските судови.

Резолуцијата, без оглед на нејзиниот конечен правен ефект, испраќа јасна политичка порака дека во Конгресот расте противењето на воени дејства без претходна согласност од законодавната власт.

Најчитано