Европски плажи се затвораат заради бакеријата што јаде месо и прави сепса

Европските здравствени власти предупредуваат на зголемен ризик од инфекции со бактериите од родот Vibrio, кои се развиваат во топли морски и соленкави води и во тешки случаи можат да предизвикаат сериозни инфекции, сепса и оштетување на ткивото.

Ризикот се зголемува во текот на летото, особено за време на топлотни бранови, кога температурата на морето расте. Најповолни услови за бактериите има во плитки крајбрежни води, речни устија и лагуни, каде што се мешаат слатката и солената вода.

Најголемо внимание предизвикува бактеријата Vibrio vulnificus, која во јавноста често се нарекува „бактерија што јаде месо“. Таа, сепак, не го „јаде“ директно човечкото месо, туку може да предизвика некротизирачки фасциитис – тешка инфекција при која ткивото околу заразената рана брзо се оштетува.

Бактеријата може да навлезе во организмот преку отворена рана, исеченица, гребнатина или неодамнешен пирсинг при контакт со загадена морска вода. Инфекција може да се добие и со консумирање сурови или недоволно термички обработени школки, особено остриги.

Во полесните случаи може да се појават црвенило, оток и болка околу раната, како и стомачни тегоби, повраќање, дијареја и температура. Доколку бактеријата навлезе во крвотокот, може да предизвика сепса и да го загрози животот на пациентот.

Најизложени се постарите лица, луѓето со ослабен имунитет, хронични заболувања на црниот дроб, дијабетес и други сериозни здравствени состојби.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести предупредува дека бактериите Vibrio редовно се појавуваат во Балтичкото Море, каде пониската соленост и летните температури создаваат поволни услови за нивно размножување.

Присуство е регистрирано и во Северното Море и во затворени крајбрежни подрачја. Со понатамошното загревање на морската вода се очекува погодните услови да се прошируваат и кон други делови на европското крајбрежје, вклучително и кон Медитеранот.

Во делови од Шпанија и други европски земји во изминатиот период беа затворани плажи поради загадување или зголемено присуство на бактерии. Сепак, секое затворање не е поврзано со Vibrio, па граѓаните треба да ги следат официјалните информации од локалните здравствени и општински служби.

Лицата со отворени рани треба да избегнуваат капење во топла морска или соленкава вода или раната целосно да ја покријат со водоотпорна заштита. По случаен контакт, раната треба веднаш да се измие со чиста вода.

Морските плодови треба добро да се термички обработат, а суровите школки да ги избегнуваат лицата што припаѓаат на ризичните групи.

Брзото ширење на црвенилото, силната болка, отокот, појавата на плускавци или температура по капење во море бараат итна медицинска помош. Раното препознавање и лекување е клучно за спречување на сериозните компликации.

Најчитано