Македонија ја добива „Везилка“: Ќе се развиваат ВИ-алатки на македонски јазик

Македонија ќе добие национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“, преку кој домашните истражувачи, универзитети, компании и стартапи ќе добијат пристап до европски суперкомпјутери и напредна инфраструктура за развој на нови дигитални решенија.

Проектот го спроведува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, со поддршка од Министерството за дигитална трансформација.

„Везилка“ ќе функционира како македонска антена на европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција и ќе биде поврзана со центарот „Фарос“ во Грција.

Тоа значи дека не станува збор за фабрика во класична смисла или за изградба на голем суперкомпјутер во Македонија. Центарот треба да обезбеди пристап до европските компјутерски капацитети, податоци, експертска поддршка и алатки потребни за развој и тестирање системи со вештачка интелигенција.

Вкупната вредност на проектот е 6,5 милиони евра. Од нив, 1,5 милиони евра се обезбедени од државата, еден милион евра од факултетите, а преостанатиот дел е поддржан од Европската Унија.

Една од главните цели е развој на голем јазичен модел и дигитални алатки на македонски јазик.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека функционалниот јазичен модел треба да биде подготвен до крајот на 2026 или почетокот на 2027 година.

Според најавите, моделот ќе биде достапен како решение со отворен код, кое ќе можат да го користат државните институции, домашните компании, истражувачите и програмерите.

Целта е да се создадат системи што подобро ќе го разбираат и обработуваат македонскиот јазик, вклучително и алатки за пребарување, автоматско преведување, анализа на текстови, дигитализација на документи и развој на виртуелни асистенти.

Проектот предвидува соработка со институции што располагаат со голем број текстови и документи на македонски јазик, меѓу кои Националната и универзитетска библиотека, МАНУ, Собранието, „Службен весник“ и институтите за македонски јазик и литература.

Покрај јазикот и културата, „Везилка“ треба да поддржува развој на ВИ-решенија во здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација.

Преку центарот, малите и средните компании ќе можат да добијат стручна поддршка за развивање и тестирање производи без самостојно да инвестираат во скапа компјутерска инфраструктура.

„Везилка“ треба да обезбедува и обуки за студенти, инженери, истражувачи и претприемачи, со цел поголем дел од домашниот кадар да се вклучи во европските технолошки и истражувачки проекти.

Македонија беше избрана како една од 13-те земји што воспоставуваат национални антени на европските фабрики за вештачка интелигенција.

Практичниот ефект од проектот ќе зависи од тоа колку брзо ќе бидат обезбедени квалитетни податоци на македонски јазик, колку компании и институции ќе ги користат услугите и дали развиените алатки ќе најдат реална примена.

Најчитано