Со прес-конференција во кафе „Тигре“ денеска официјално беше отворено јубилејното 25. издание на фестивалот „Битола Отворен Град“, кој од 24 до 27 јуни ќе донесе концерти, изложби, работилници, јавни дискусии и диџеј-сетови на повеќе локации низ градот.

Фестивалот, кој веќе четврт век е дел од урбаната и културната сцена во Битола, повторно ќе ги претвори улиците, локалите, плоштадите и алтернативните простори во отворени сцени за музика, уметност и размена на идеи.
Годинашната програма започнува со изложбата на минијатури „Ела поблиску“ на Тони Соколов Солза и традиционалната „Вечер со пријателите на Битола Отворен Град“, на која ќе настапат Пијан Славеј и Добрила Грашеска.
Директорот на Младинскиот културен центар Битола, Сашо Додовски, оцени дека 25-годишното постоење на фестивалот претставува значајна културна вредност за градот.

„Кога ќе кажете 25 години, не зборувате само за фестивал. Зборувате за генерации, за луѓе кои првпат застанале на сцена токму овде и за публика која пораснала со фестивалот“, изјави Додовски.
Тој нагласи дека „Битола Отворен Град“ успеал да опстои четврт век без да ја изгуби својата младост и да остане простор за нова музика, нови идеи и нови генерации.
Програмата во четврток продолжува со диџеј-работилница со Herzel, работилницата „Money Talks – Финансиска писменост за новата генерација“ и „Sunset Chillout Zone“ со DJ Boca.A.
Во Старата битолска чаршија ќе настапи словенечкиот бенд LELEE, а вечерта под наслов „Triple DJ Attack“ на три различни локации ќе настапат Tendts b2b Unickue од Грција, Danilo Kas од Србија и Herzel од Македонија.
Главниот музички настан е закажан за петок на Широк Сокак, каде ќе настапат битолскиот бенд Eruption, Суперхикс и српскиот состав Osmi Dan.
Суперхикс годинава одбележува 30 години постоење, а настапот во Битола симболично ќе биде нивниот 300. концерт. Osmi Dan ќе изведе рок-програма посветена на музиката на Linkin Park, Metallica, Prodigy, U2, Ramones, Rammstein и други светски групи.
„Петочната вечер ќе биде срцето на фестивалот. Сакавме концерт достоен за 25-годишниот јубилеј и вечер што ќе ја обедини публиката која растела со овој фестивал“, изјави Александар Тодоровски.
Во петок е предвидена и јавната дискусија „Дали сме навистина добро?“, организирана во соработка со „Свесност – Центар за психотерапија“.
Според Ирена Туфекчиевска, фестивалот и годинава останува отворена платформа за различни генерации, музички жанрови и културни изрази.

„Во само четири фестивалски денови ќе се случуваат концерти, изложби, јавни дискусии, работилници, диџеј-сетови и средби на повеќе локации низ градот. Веруваме дека токму разновидноста е најголемата вредност на фестивалот и причината поради која опстојува веќе 25 години“, рече Туфекчиевска.
Јубилејното издание ќе заврши во сабота со Берза на винили и настап на DJ Chiko во кафе-бар „Јагода“, како и со концерт на Paranoid, The Pot и Sinful Glare на Скејт-паркот на битолското шеталиште.
„Битола Отворен Град“ и по 25 години останува верен на концептот културата да излезе од институциите и да биде присутна меѓу граѓаните, на улиците, во парковите и во алтернативните градски простори.
Некои градови имаат фестивали. Овој фестивал има свој град.
