Силен земјотрес со магнитуда од 7,2 го погоди североисточниот дел на Јапонија во четвртокот наутро, но властите соопштија дека нема опасност од цунами и дека засега нема извештаи за повредени или поголема материјална штета.
Епицентарот бил во морето, во близина на источниот брег на префектурата Ивате, на длабочина од околу 50 километри. Јапонската метеоролошка агенција ја зголеми првичната процена од 6,9 на 7,2, додека Американскиот геолошки институт го регистрираше потресот со магнитуда од 6,9.
Земјотресот се случил за време на утринскиот сообраќаен шпиц и благо се почувствувал и во Токио. Дел од брзите и локалните железнички линии во североисточна Јапонија биле привремено запрени поради безбедносни проверки, додека во нуклеарните централи и другите критични објекти не биле забележани неправилности.
Во основно училиште во градот Хашиками, во префектурата Аомори, наставата била откажана, а учениците биле испратени дома. Според директорката на училиштето, некои од децата плачеле од страв, но сите биле безбедни.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека владиниот кризен тим ги собира информациите и се подготвува за евентуални спасувачки операции. Жителите во погодените региони се повикани да останат внимателни поради можни последователни потреси.
