Топлинскиот бран што ги преплавува болниците низ Европа е уште едно предупредување за тоа колку екстремните температури можат да бидат опасни за здравјето на луѓето.
Се проценува дека 150 милиони луѓе на континентот се изложени на температури над 35 степени Целзиусови.
Пријавени се стотици смртни случаи за време на продолжениот топлотен бран. Научниците велат дека ваквите температури би биле „практично невозможни“ без климатските промени предизвикани од човекот.
Оваа топлина го става телото под огромен притисок и може да доведе до дехидрација, топлотен удар и смрт.
Непосредниот ефект
Кога температурите се зголемуваат, телото се обидува да ја одржи својата нормална температура од околу 37 степени Целзиусови.
Срцето почнува да работи понапорно, а потењето помага во ладењето на кожата, првата линија на одбрана на телото од топлината.
Крвните садови во кожата се шират за да ослободат топлина.
Но, понекогаш овие механизми не се доволни.
Кога топлината ја надминува природната терморегулација, се јавуваат рани симптоми како што се замор, главоболка, треска и нарушувања на спиењето.
Дехидратација
Дехидратацијата се јавува кога телото губи или користи повеќе вода отколку што внесува.
Ова го нарушува циркулацијата на крвта и може да ги лиши некои органи од кислород.
Тешката дехидратација може да доведе до откажување на виталните органи, вклучувајќи ги и бубрезите.
Ризикот е особено висок кај постарите лица, кои често имаат намалено чувство на жед, како и кај децата и доенчињата кои зависат од грижата на другите.
Бремените жени се исто така изложени на поголем ризик. Екстремната топлина е поврзана со поголем ризик од предвремено породување и други компликации.
Топлоден удар
Кога телото повеќе не може да го спречи покачувањето на температурата над 40 степени, се јавува топлотен удар. Ова е потенцијално фатална состојба и најтешка форма на болест поврзана со топлина.
За да се заштеди вода, телото престанува да се поти, а урината станува темна.
Лошото здравје, дијареата, треската, некои лекови и алкохолот исто така го зголемуваат ризикот од топлотен удар.
Најранливи се повторно постарите лица, децата под 5 години и лицата со ослабен имунолошки систем.
Здравите возрасни исто така не се заштитени. Интензивниот или продолжен физички напор во топлина, како што се трчање или работа на отворено, исто така може да доведе до топлотен удар.
За време на сегашниот топлотен бран, млади луѓе беа примени и во француските оддели за итни случаи со топлотен удар.
„Гледаме млади спортисти во критична состојба, во единици за интензивна нега, а понекогаш и со срцев удар по топлотен удар предизвикан од вежбање“, изјави за АФП француската докторка од одделот за итни случаи Агнес Рикард-Ибон.
Топлотните бранови се особено опасни и за бездомниците, кои немаат каде да се кријат од топлината.
Егзацербација на други болести
Колку подолго трае топлотниот бран, толку поопасен станува.
Екстремните температури можат да ја влошат состојбата на луѓето со срцеви и респираторни проблеми, хронични заболувања на бубрезите, хронична опструктивна белодробна болест и дијабетес тип 2.
Кога телото повеќе не може да ја издржи топлината, овие болести можат брзо да се влошат.
Ако симптомите одеднаш се влошат, лекарите препорачуваат веднаш да се побара медицинска помош.
Опасни ноќи
Научниците предупредуваат и на таканаречените тропски ноќи, кога температурата не падне под 20 степени.
Делови од Европа доживеаја серија вакви ноќи оваа недела, а Франција ја објави својата најжешка ноќ досега.
Кога „нема олеснување и телото не може да се олади, станува многу опасно за здравјето“, изјави за АФП истражувачката за топлотен стрес Ребека Емертон.
Влажноста, сончевата светлина и недостатокот на ветер, исто така, го зголемуваат топлотниот стрес. Научниците предупредуваат дека тој нагло се зголемува низ целиот свет поради климатските промени.
Постојат предупредувања дека сегашниот топлотен бран може да биде полош од оној во 2003 година, кога повеќе од 70.000 луѓе починаа во Европа.
Што да се прави
За време на топлотните бранови, луѓето треба да пијат многу вода и да се обидат да останат ладни.
Се препорачува да не се излегува надвор во најжешките часови од денот. Домот треба да се одржува ладен со затворање на прозорците, ролетните и завесите.
Студените тушеви и престојот во климатизирани или постудени простории помагаат во намалувањето на телесната температура.
Треба да се избегнува физички напор и консумирање алкохол.
