Од 1 јули до 31 август ќе биде во сила целосна забрана за движење во шумите и на шумското земјиште, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Одлуката е донесена поради зголемената опасност од шумски пожари и по барање на ЈП „Национални шуми“ и националните паркови што управуваат со заштитените подрачја.
Забраната ќе важи на целата територија со која стопанисуваат ЈП „Национални шуми“ и националните паркови, а движењето ќе биде дозволено само со претходно добиено писмено одобрение издадено од надлежните подружници на ЈП „Национални шуми“ или од управите на националните паркови, зависно од подрачјето.
Од Министерството информираат дека согласноста за воведување на забраната е издадена согласно член 57, став 3 од Законот за шумите, како превентивна мерка за спречување на појава и ширење на шумски пожари.
За непочитување на забраната се предвидени високи парични казни. Според член 106 од Законот за шумите, физичките лица кои ќе бидат затекнати да се движат во шума или на шумско земјиште без соодветно одобрение ќе бидат казнети со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Надлежните апелираат граѓаните да ја почитуваат мерката и да придонесат кон намалување на ризикот од пожари во текот на летната сезона, кога високите температури и сушата значително ја зголемуваат опасноста од избувнување на пожари на отворен простор.
