Новата размена на напади меѓу САД и Иран ја крена цената на нафтата

Иран

Цените на нафтата повторно пораснаа по новата размена на напади меѓу САД и Иран, иако двете земји се согласија да ги запрат понатамошните воени дејства пред продолжувањето на мировните преговори.

На лондонскиот пазар, цената на барелот Брент се зголеми за 0,75 проценти и достигна 72,55 долари. Американската лесна нафта поскапе за 1,24 проценти, на 70,10 долари за барел.

Новата ескалација започна откако Иран нападна контејнерски брод, по што следуваа американски воздушни напади. Техеран потоа нападна и брод кој превезувал катарска нафта, а Вашингтон возврати со нови удари.

Пазарите стравуваат дека продолжувањето на судирите може повторно да го наруши транспортот низ Ормускиот Проток, една од најважните рути за снабдување на светот со нафта и гас. Иако сообраќајот постепено се обновува, сопствениците на бродови остануваат претпазливи, а голем број пловила сè уште се заглавени во Персискиот Залив.

Претставници на САД и Иран треба да ги продолжат разговорите во Доха, каде што меѓу главните теми ќе бидат безбедноста и режимот на пловидба низ Ормускиот Проток. До постигнување поцврст договор, секоја нова воена ескалација може да предизвика дополнителни ценовни потреси на енергетските пазари.

Најчитано