Измените на Изборниот законик се финализирани, но јавноста сè уште нема увид во текстот, ниту информации кои решенија биле договорени во работната група на Министерството за правда.
Предлогот би можел уште денеска да биде доставен во Собранието од пратеници, откако ќе биде потпишан од пратеничките групи што го поддржуваат. Засега не е познато кои партии ќе застанат зад законските измени и дали предлогот ќе го поднесе само владејачкото мнозинство.
СДСМ не учествуваше во работната група. Од опозициската партија претходно соопштија дека го бојкотираат процесот поради укинувањето на таканаречената пржинска влада без поширок политички консензус.
Министерството за правда на 24 јуни информираше дека работната група ја одржала единаесеттата седница и дека се разгледувале преостанатите отворени прашања и предлози. Последната средба се одржала во четвртокот, а завршните консултации требало да продолжат електронски до петокот.
И покрај тоа, не е објавена работна верзија на измените. Не се знае кои препораки на ОБСЕ/ОДИХР се прифатени, ниту дали партиите постигнале договор за прашањата што со години го следат изборното законодавство.
Без одговор останува дали Македонија ќе стане една изборна единица, дали ќе биде воведен изборен праг и дали ќе се менуваат правилата за финансирањето на кампањите, кандидатските листи и работата на изборните органи.
Измените се дел од обврските предвидени во Реформската агенда, поради што се очекува постапката да биде забрзана. Но носењето изборни правила без навремено објавен текст и без јавна дебата повторно го отвора прашањето дали законите што директно ја уредуваат политичката конкуренција се договараат транспарентно или зад затворени партиски врати.
