Луѓето под 50 години стареат побрзо од претходните генерации, покажува нова студија

Помладите генерации покажуваат знаци на побрзо биолошко стареење во споредба со луѓето родени неколку децении порано, а овие промени може да бидат поврзани и со зголемениот ризик од појава на рак на помлада возраст, покажува ново истражување објавено во списанието „Nature Medicine“.

Научниците анализирале податоци од 154.169 лица помлади од 55 години вклучени во британската база UK Biobank, а дел од резултатите биле проверени и кај повеќе од 10.000 учесници во американската програма „All of Us“.

Истражувањето покажало дека лицата родени меѓу 1965 и 1974 година имале за 23 проценти поголема разлика меѓу биолошката и календарската возраст во споредба со генерацијата родена меѓу 1950 и 1954 година.

Биолошката возраст не се одредува според изгледот или бројот на годините, туку преку повеќе показатели во организмот, меѓу кои нивото на шеќер во крвта, воспалителните процеси, работата на бубрезите и други лабораториски параметри. Кога овие показатели одговараат на постар организам, се смета дека лицето биолошки старее побрзо од очекуваното.

Кај лицата со понапредна биолошка возраст бил забележан и повисок ризик од појава на малигни заболувања на помлада возраст, особено рак на белите дробови, дигестивниот систем и матката. Забрзаното стареење на имунолошкиот систем било поврзано со рак на белите дробови, додека стареењето на масното ткиво било поврзано со колоректален рак.

Во последните три децении бројот на малигни заболувања дијагностицирани кај лица помлади од 50 години бележи раст. Авторите посочуваат дека зголемената дебелина, метаболичките нарушувања, неквалитетната исхрана, недостигот од физичка активност, нарушениот сон, загадувањето и изложеноста на различни хемикалии би можеле заеднички да влијаат врз биолошкото стареење.

Сепак, научниците предупредуваат дека студијата покажува поврзаност, но не докажува дека забрзаното биолошко стареење директно предизвикува рак. Истражувањето е набљудувачко и главно опфаќа жители на Велика Британија и САД, поради што ќе бидат потребни дополнителни анализи кај други популации и подолгорочно следење на испитаниците.

Најчитано