Жерновски остро го нападна Муцунски: Ќе им се извините ли на граѓаните за годините манипулации?

мигрантите

Меѓународниот секретар на СДСМ, Андреј Жерновски, остро го нападна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, обвинувајќи го дека ВМРО-ДПМНЕ со години ширела страв и невистини за македонскиот идентитет, а денес ги потврдува истите позиции што претходно ги нарекувала предавство.

Реакцијата следува по настапот на Муцунски на Дубровник форумот, каде што министерот порача дека не постојат „северномакедонски“ народ, јазик или идентитет, туку исклучиво македонски народ, македонски јазик и македонски идентитет. Тој најави дека секој обид за нивно оспорување ќе наиде на соодветен одговор.

Жерновски тврди дека токму ВМРО-ДПМНЕ со години ги убедувала граѓаните дека со Преспанскиот договор Македонија го загубила идентитетот и дека Македонците ќе бидат преименувани во „северномакедонци“.

„Денес, истите вие јавно признавате дека не постои северномакедонски народ, ниту северномакедонски јазик, туку само и единствено македонски народ и македонски јазик“, порача Жерновски.

Тој го праша Муцунски дали власта ќе им се извини на граѓаните за, како што наведе, повеќегодишната политичка манипулација и ширењето страв околу идентитетските прашања.

„Ќе признаете ли дека свесно ширевте страв и невистини само за да дојдете на власт? Или ќе продолжите да докажувате дека лицемерието останува ваша константа?“, праша Жерновски.

Според него, она што ВМРО-ДПМНЕ претходно го претставувала како национално предавство, сега го користи како аргумент во одбрана на македонскиот народ и јазик.

„Македонија не изгуби идентитет. Но граѓаните секој ден гледаат како ВМРО-ДПМНЕ го губи сопствениот политички кредибилитет“, порача Жерновски.

Најчитано