Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Полицискиот упад во муџахединскиот камп во Драч, причини и конторверзии

Албанската државна полиција пред два дена изврши опсежна контрола во кампот на Муџахедините – МЕК , во Манза, Драч, по решение донесено од Судот во Тирана, известуваат албанските медиуми.

Полицијата соопшти дека контролата се извршила по барање на СПАК и наредба на ЃККО, но не ја соопштија причината за контролите, нагласувајќи дека се ќе биде откриено во наредното соопштение,  бидејќи станува збор за важна одлука, која се случува неколку недели пред годишниот Самит на Муџахедините на МЕК во Тирана, кои дојдоа во Албанија на барање на Стејт Департментот.

За време на увидот дошло до судир меѓу полицијата и муџахедините во кампот, кои дале отпор на барањето да ја дадат потребната документација и да се отворат сите простории.

Од судирот и употребата на солзавец едно лице загина, а неколкумина се повредени, додека обвинител од Обвинителството во Драч отишол во кампот да ги испита околностите за загубата на животот на Муџахединот. Според медиумите,  тој  починал од срцев удар.

Во текот на контролите во кампот се пронајдени и сервери, од кои се сомнева дека се извршени сајбер напади. Засега нема информации дали нападите биле во земјата или биле насочени кон други земји.

Во понатамошна реакција, албанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека муџахедините го прекршиле договорот бидејќи се тука само за засолниште и хуманитарни цели, а не за други активности.

„Во спроведување на контролните наредби издадени од Судот, Државната полиција презеде мерки за нивно спроведување, со контролен план на просториите на територијата на кампот МЕК, ригорозно применувајќи ја етиката и комуникацијата и почитувајќи ги основните права и слободи на сите граѓаните и заедницата која живее во овој камп. Полициските контролни групи продолжуваат со контролите на територијата на кампот МЕК и во неговата внатрешност“, соопштија од полицијата.

Засега не е познато дали албанскиот државен врв се консултирале  со американската амбасада во Тирана за оваа интервенција во кампот на МЕК, како и за нејзините конечни цели.

Образложението за интервенцијата  на албанската држава, според медиумите,  се чини  дека ќе биде факторот што ќе влијае на реакцијата Американската амбасада во тирана во врска со тоа што се случува во кампот МЕК.

Кои се Муџахедините и како се засолнија во Албанија?

Во статија од авторот Патрик Кингсли, објавена во 2020 година во Њујорк Тајмс, меѓу другото пишува:

„ Во зависност од тоа кого прашувате, Народните џихадисти се замена на иранската влада во чекање, или сомнителен терористички култ кој забранува сексуални мисли . На новинарите ретко им се дозволува влез во кампот  за да донесат самите заклучок, а понекогаш нивното присуство се  одбива со сила.“

Понатаму во статијата, Кингсли го опишува неговото искуство со Муџахедините откако конечно добил дозвола за интервју  во кампот МЕК.

Во Иран, Муџахедините се прогласени за терористичка и несакана група, а  подолго време имаат поддршка од САД и Западот.

Оваа група е создадена во 1965 година, и од нивните почетоци до 70-та година беа во опозиција на поранешниот лидер на Иран Мохамад Реза Шах. По соборувањето на неговиот режим и триумфот на исламската револуција, оваа организација повторно остана во опозиција, а ајатолахот Рухолах Хомеини ја прогласи за „терористичка“, по што беа принудени  да ја напуштат својата земја, од кои, еден дел мигрирал на Запад, а поголем дел се засолниле во Ирак, каде што го поставиле кампот „Ашраф“.

Веднаш по револуцијата, групата привлече значителна јавна поддршка и се појави како водечки извор на противење на новиот теократски режим, според професорот Ерванд Абрахамиан, историчар во групата.

Групата тврди дека сè уште привлекува значителна поддршка, но Абрахамиан  посочува дека нејзината популарност опаднала откако станале понасилни во раните 1980-ти.

Во Ирак тие беа вклучени во организирање терористички и дестабилизирачки акции против иранскиот режим, поддржани од диктаторот Хусеин, поради што  беа означени како терористичка организација од многу западни земји, вклучително и САД.

По американскиот конфликт во Ирак и влегувањето на американската армија  во земјата,  за соборување на режимот на Садам Хусеин, иранските муџахедини застанаа на страната на армиите на САД и НАТО, за потоа да бидат земени под  заштита на американската армија, односно, во 2009 година, официјален  Брисел одлучи да ги отстрани од листата на терористички организации, а во септември 2012 година, и САД ја донесоа истата одлука.

Првите членови на иранската опозиција, познати како Муџахедини, пристигнаа во Албанија во 2013 година, на крајот од вториот мандат на Сали Бериша како премиер на земјата.

Тогаш владата на Бериша објави дека одлучилe да вдомат 210 муџахедини и оваа одлука беше финализирање на обврската што официјална Тирана ја презеде при посетата на американската државна секретарка Хилари Клинтон на Албанија во 2012 година.

Посветеноста на Албанија во односот со Соединетите Американски Држави,  ја испочитува и социјалистичкиот лидер Еди Рама, кој ја презеде функцијата премиер во септември 2013 година.

Албанија до 2016 година ја засолнуваше целата група од 3.000 муџахедини, кои беа во камп во Ирак, а за тоа му се заблагодари на американскиот државен секретар Џон Кери при неговата посета на Тирана на 14 февруари 2016 година.

Од овој момент, муџахедините се засолниле во областа Манза, каде што го изградиле својот камп. Но, одлуката на Албанија да задржи 3.000 членови на иранската опозиција имаше своја цена.

Според албанските медиуми, како одмазда за засолнувањето на муџахедините во летото минатата година, хакери спонзорирани од Иран ги нападнаа албанските дигитални системи.

Реакции

„Фактот дека Албанија и понуди засолниште на дисидентска група која има за цел да го собори режимот на Техеран, и која активно работи на постигнување на оваа цел, ја стави Тирана на крстосница со Техеран“ , посочи  Адријан Штуни, експерт за надворешна и безбедносна политика со седиште во Вашингтон и соработник на Меѓународниот центар за борба против тероризмот, во Хаг.

Поранешниот албански премиер Сали Бериша,  ја спомена ситуацијата создадена по полициските проверки во кампот на МЕК, барајќи прашањето да се стави на дневен ред на вчерашната собраниска седница, и  побара оставка од министерот за внатрешни работи Бледи Чучи.

„Овде сум денес ка да кажам дека во овој момент се чувствувам повеќе од кога било како еден од нив, се чувствувам Муџахедин, борец за слобода. Им ги упатувам моите најискрени чувства на поддршка и сочувство. Денеска се чувствувам Муџахедин затоа што аморалната власт на оваа држава уби борец за слобода во своето засолниште. Денеска се чувствувам муџахедин повеќе од кога било, затоа што вчерашното обвинение што го прочитавте е најсрамната приказна за една држава. Напишано е во Техеран. Обвинението беше целосно засновано на клевети, измислици за услугите на ајатоласите, кон борците за слобода. Обвинението содржеше елементи на крајно понижување на Албанија и Албанците, како да не е земја членка на НАТО, туку како да е вазал на Иран.“, рече меѓу другото Бериша.

Сведоштво

Поранешен член на иранските муџахедини со седиште во Манза посочи дека МЕК ги насочува своите сајбер напади кон Иран. Според него, во Иран имало сајбер напади секој ден и сите биле извршени од кампот Ашраф 3. Тој призна дека секој ден се работи напорно со младите во Иран за да се убедат да се спротивстават на Иран.

„Муџахединската организација е формирана пред 50 години, но има цело море помеѓу она што го кажуваат и она што го прават. Војната меѓу Иран и МЕК трае многу години. Претходно, МЕК беше во Ирак и вршеше терористички активности во Иран. Дури и во Франција го направија истото. Тие ги хакираат Иранските служби “, изјави поранешниот муџахедин Рахими за Euronews, пренесуваат албанските медиуми.

Причини и последици

Сајбер нападот на Иран врз Албанија минатата година се сомнева дека бил „симетричен одговор“ на иранските хакери на активноста што организацијата МЕК од кампот Манза ја вршела против Иран.

Ова  произлегува од одлуката на специјалниот суд,  според која евидентно е дека во текот на 2022 година албанските институции биле погодени од повеќе сајбер напади што предизвикаа нарушување на секојдневните активности на структурите на државната полиција и други релевантни институции. Овој сајбер напад се сомнева дека го извршиле иранските разузнавачки структури поради фактот што Албанија е домаќин на значителен број членови на организацијата „МЕК“, кои практично се опозиција на иранскиот режим. Последица на сајбер нападот на Иран врз Албанија беше објавувањето на различни бази на податоци на албанските министерства, адреси на електронска пошта, телефонски броеви на службеници, па дури и лични податоци на тогашниот полициски началник,  Гладис Нано.

Д. Тахири (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен