Поминаа петнаесет години откако во Скопје исчезна последната липа. Повеќе од една деценија новите деца растеа без да знаат како мириса јуни.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Во летото 2092 година температурите во Скопје веќе петта година по ред не паѓаа под четириесет степени, дури ни ноќе. Дење одеа значително повисоко. Луѓето веќе беа навикнати на лаги, така што никој повеќе и не следеше временска прогноза. Десетгодишниот Никола седеше со својот дедо Илија во сенката на една од последните бетонски надстрешници на плоштадот кој сè уште се викаше Македонија. Од некогашниот центар на градот беше останата само голема гола површина, испукана од жештина, прекриена со слој ситна сива прашина.
Никола во рацете држеше стар таблет. На екранот имаше пожолтена фотографија од Скопје, направена некаде околу 2025 година. Булевар, автомобили, луѓе што одат по тротоари и, од двете страни, редови високи зелени дрвја.
Дедо, што се овие? праша тој, покажувајќи кон дрворедот.
Стариот Илија ги исправи очилата и се наведна поблиску. Му требаа неколку секунди да разбере што точно гледа. Старите луѓе понекогаш потешко ги препознаваат работите што премногу ги сакаат.
Тоа, момче мое, рече тивко, се липи.
Какви липи?
Илија го погледна внимателно. Поминаа петнаесет години откако во Скопје исчезна последната липа. Повеќе од една деценија новите деца растеа без да знаат како мириса јуни.
Знаеш ли, рече тој, дека порано, кога доаѓаше летото, луѓето во овој град знаеја дека почнува јуни не затоа што ќе погледнат календар, туку затоа што воздухот почнуваше да мириса поинаку. Малку слатко, малку горко. Како мед и дожд во исто време.
А, што се случи?
Илија се насмеа, онака како што старите луѓе се смеат кога знаат дека вистинскиот одговор е толку апсурден што звучи како лага.
Се случи забеганоста на демократијата, рече. Михаил Буленски!
Никола веднаш го препозна името.
Тој беше големиот реформатор, така? Учевме за него.
Да, кимна Илија.
Липите во Скопје ги засадиле во триесеттите години на минатиот век, започна. Во тоа време градот бил многу поинаков. Немало вистинска канализација во голем дел од населбите. Секое семејство имало таканаречен полски клозет.
Што значи тоа?
Тоа значи дека луѓето имале дупка во земјата во дворот и таму оделе во тоалет. Затоа ги викале полски. Биле надвор, оддалечени од куќата. Во лето целиот град смрдел. Особено во јули и август. Тогаш засадиле липи, барем во јуни да се покрие смрдеата.
Со децении липите останаа. Преживеаја земјотрес, војни, неколку држави, неколку идеологии и илјадници политичари. Но не преживеаја еден алергичен човек.
Буленски – рече малиот Никола.
Илија се потпре наназад.
Михаил Буленски се родил во 2041 година. Уште како дете имал ужасна алергија. Двапати годишно завршувал во болница. Првиот пат во февруари, кога почнувале раните полени. Вториот пат секогаш во јуни. Липите. Неговата мајка, велат, седела до креветот и му повторувала дека природата понекогаш знае да биде сурова. А татко му, стар армиски офицер, му повторувал дека слаб човек никогаш нема да успее во животот. Некои деца од такво детство излегуваат писатели. Некои психијатри. Михаил Буленски излезе политичар.
Никола слушаше внимателно.
Но, како успеал? праша.
Така што времето му помогна. Од 2030 до 2070 Македонија полека исчезнуваше. Не буквално. Полошо. Луѓето престанаа да очекуваат нешто добро. Младите си заминаа. Оние што останаа живееја механички. Работеа, плаќаа сметки, гледаа евтини програма, скролаа на елефоните. Политиката беше потрага по непријатели.
И Буленски им даде непријател?
Совршен непријател, рече Илија. Дрво !
Во 2072 година Буленски ја основа партијата Нова Деморкатија. Да, така се викала. Со грешка во името. Никој не реагирал. До тогаш луѓето одамна престанаа внимателно да читаат, следствено на фактот дека веќе трета деценија, освен наслови, ништо друго не се читаше.
Неговата кампања беше едноставна.
Секој ден снимаше кратки видеа за социјалните медиуми, зборувајќи за влијанието на токсичниот полен од липите и неговиот придонес кон општата апатија и депресија. Покажуваше статистики за алергии, генерирани со вештачка интелигенција. Во тимот имаше и лекари платени да потврдуваат сè што ќе каже. Објаснуваше дека милиони се трошат на лекување кое никогаш не може да биде успешно. И така, со текот на времето, неговата порака стануваше сè поголема.
Зарем луѓето му поверувале? праша Никола.
Сине, уморен човек не бара вистина. Уморен човек бара нешто што ќе го мрази. А ако не можеш да го решиш вистинскиот проблем, секогаш е полесно да обвиниш нешто што молчи.
Буленски победи убедливо. Во рок од две недели започна операцијата за убивање на липите во Скопје, насловена „Нов воздух“.
Три илјади работници, автоматизирани машини и специјални дронови почнаа систематски да ги сечат липите низ целиот град. Луѓето славеа. На социјалните мрежи кружеше нов слоган: Конечно дишеме слободно.
Последната липа падна во август 2077 година, кај Градски парк. Буленски лично ја пресече. Новинарите аплаудираа.
И после? праша малиот Никола.
Илија молчеше. Долго молчеше. Потоа покажа кон хоризонтот.
После дојде ова.
Таму каде некогаш стоеше убавата мала планина што ја викавме Водно, сега се гледаше само заматена линија низ облак прашина.
Во рок од неколку години температурата порасна драстично. Пчелите исчезнаа. Птиците престанаа да се гнездат. Почвата почна да се суши. Вардар почна да носи песок наместо влага. Болестите на белите дробови се удвоија. И тогаш научниците открија нешто што одамна требаше да биде јасно. Липите не биле само дрва. Тие го регулирале целиот микроклиматски баланс на градот.
Никола повторно погледна во фотографијата.
А што се случи со Буленски?
Умре во 2081 година.
Од што?
Респираторна слабост.
Неколку секунди двајцата молчеа.
Дедо… зошто никој не го запрел?
Илија не одговори веднаш. По кусо време изговори едно кратко, речиси нечујно:
Не знам.
Никола уште еднаш ја погледна фотографијата.
Баш би сакал барем еднаш да знам како мириса липа.
