Опозициската СДСМ остро реагира на реконструкцијата на Владата што ја претстави премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека станува збор за „козметичка промена“ во која, како што наведуваат, „Курто и Мурто ги разменија фотелјите“, без суштински промени во начинот на владеење.
Во партиското соопштение СДСМ тврди дека реконструкцијата не претставува реформа, туку обид да се создаде впечаток дека Владата се менува, иако, според нив, клучните министри и ресори остануваат непроменети.
„Нема резултати – има театар со реконструкција. Ова не е реформа на Владата, туку козметичка промена на истата криминална структура. Некои министри се преместуваат, некои нови имиња доаѓаат на сцена, а клучните луѓе и клучните ресори остануваат исти“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ посочуваат дека ресорите за внатрешни работи, одбрана, финансии, надворешни работи и образование остануваат под раководство на истите луѓе, оценувајќи дека реконструкцијата претставува само „вртење на столчињата“ без суштински промени.
Опозициската партија дополнително тврди дека реконструкцијата има за цел да го пренасочи вниманието од, како што велат, економските проблеми, состојбата со јавните финансии и застојот во евроинтегративниот процес.
Во соопштението се наведува дека Владата не спровела сериозни реформи и не понудила решенија за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, туку само ги прераспределува министерските позиции меѓу коалициските партнери.
СДСМ оценува дека реконструкцијата, наместо да покаже нов почеток, претставува признание дека досегашната работа на Владата не ги дала очекуваните резултати.
Опозициската партија, исто така, прогнозира дека актуелната политичка состојба ќе доведе до предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека реконструкцијата нема да обезбеди подолг политички век на Владата.
Од Владата засега нема реакција на обвинувањата изнесени од СДСМ.
