Со концертот во Скопје заврши ексклузивната концертна турнеја, по повод 100-годишнината од формирањето на Белградската филхармонија, предводена од светски познатиот диригент Зубин Мехта.
Во серијата, дел од иницијативата Отворен Балкан, Филхармонијата настапи во Белград, Тирана и Скопје, поттикнувајќи посилни културни врски меѓу трите нации. Заедничаката соработка на турнејата по повод јубилејот на Белградската филхармонија, се покажа како извонредна демонстрација на моќта на културата и креативноста и нејзината единствена способност да ги зближи луѓето во дух на меѓусебно разбирање и почит.
Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска го изрази своето задоволство од успешните концерти и ја истакна нивната улога во натамошното зајакнување на културните односи во рамките на Отворениот Балкан. Таа истакна дека ваквите настани служат како силен поттик за афирмација на локалните вредности во европски контекст.
„Нашето единство во различностите е пораката што нé води низ евроинтеграциските процеси. Вака обединети, ние сме уште поголема сила за афирмација на локалните вредности пред Европа„ истакна вечерва министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа ја најави и претстојната заедничка изложба во Париз, настан кој дополнително ја нагласува посветеноста на Отворен Балкан за споделување и промовирање на уникатното културно наследство во европски рамки.
Успешното завршување на оваа серија концерти ветува добро за иднината на културната размена и соработка во рамките на Отворениот Балкан и дополнително ги зајакнува нивните заеднички европски аспирации.
Отворен Балкан е иницијатива фокусирана на зајакнување на регионалната соработка и поттикнување културни, економски и политички врски меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија. Нејзиниот основен принцип е промовирање на единство во различноста, залагајќи се за посебното културно наследство на секоја нација додека се залага за заеднички напредок и интеграција во Европа.