23 милиони евра за вработување, а државата ги делела нерамномерно

Над 23 милиони евра за активни мерки за вработување во 2024 година биле распределувани нерамномерно низ државата, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за работењето на Агенцијата за вработување. Наместо рамномерен регионален развој, значителен дел од парите завршиле во мал број центри за вработување, додека други региони добиле далеку помал удел.

Ревизијата утврди дека за активните програми и мерки за вработување во 2024 година биле исплатени 1.442.207 илјади денари, односно 23,4 милиони евра. Тоа е зголемување од 16,34 проценти во однос на 2023 година, но проблемот, според ревизорите, е во начинот на распределба.

Кај одделни мерки, исплатите во скопскиот и дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четири пати. Во исто време, регионите од централниот и источниот дел на државата добиле помал обем на средства.

Најочигледен пример е мерката за самовработување. Според ревизијата, 62,05 проценти од средствата за оваа мерка биле реализирани преку центрите за вработување во само пет градови. Кај субвенционирањето плати, 327 од вкупно 646 одобрени апликации, односно 50,6 проценти, се однесуваат на Скопје, Струга, Тетово и Куманово.

Концентрација е утврдена и кај мерката за вработување и раст на правни субјекти. Таму 587 од 917 одобрени апликации, односно 64,1 проценти, биле реализирани во пет центри за вработување: Тетово, Скопје, Струга, Куманово и Пробиштип.

Ревизијата не застанува само на распределбата на парите. Утврдени се и слабости во мониторингот и контролата на користењето на средствата, поради недоволно разработени процедури, ретки теренски контроли и нецелосна документација. Според ревизорите, тоа создава ризик од ненаменско користење на доделените средства.

Посебно проблематична е и мерката за обука за напредни ИТ вештини. За неа во 2024 година биле исплатени 85.835 илјади денари, односно околу 1,39 милиони евра, но само 184 од 735 кандидати успешно го положиле завршниот испит. Тоа значи дека мерката имала успешност од само 25,03 проценти.

Ревизијата утврди слабости и кај трошоците за адвокатски услуги, медијација, вештачења и судски такси. Во 2024 година за овие услуги биле исплатени 5.747 илјади денари, а 77,46 проценти од расходите за адвокатски услуги биле реализирани преку еден адвокат. Дел од исплатите биле направени без целосна документација и без соодветна контрола.

Сликата што ја дава ревизорскиот извештај е јасна: парите за вработување биле наменети за поддршка на граѓани и бизниси низ целата држава, но системот не обезбедил еднаква достапност, доволна контрола и мерлив ефект. Наместо политика што треба да отвора можности таму каде што најмногу недостигаат, ревизијата покажува модел во кој милиони евра се концентрирале во неколку центри, а слабостите останале во институционалните процедури.

Најчитано