Патот на Џорџо Армани од продавач во миланска стоковна куќа до основач на глобална модна империја и денес изгледа како сценарио за филм. На 4 септември, една година по неговата смрт на 91 годишна возраст, модниот свет повторно се навраќа на животот на човекот кој ја замени строгата формалност со тивка и опуштена елеганција.
Армани е роден на 11 јули 1934 година во Пјаченца, во северна Италија. Во младоста запишал медицина, но по две години ги напуштил студиите и заминал на отслужување на воениот рок. Неговата професионална иднина тогаш сè уште немала никаква очигледна врска со модата.
Пресвртот дошол во 1957 година, кога се вработил во познатата миланска стоковна куќа „Ла Ринашенте“. Почнал како продавач и уредувач на излози, а потоа напредувал во одделот за набавки, каде што одблизу ги запознавал ткаенините, кроевите и навиките на купувачите.
Следниот голем чекор бил преминувањето во модната куќа на Нино Черути, каде што работел на дизајнирање машка облека. Таму почнал да ја развива идејата дека машкиот костум не мора да биде тежок, крут и ограничувачки, туку може да биде лесен, мек и приспособен на природното движење на телото.
Во текот на шеесеттите години го запознал Серџо Галеоти, кој станал негов животен и деловен партнер. Токму Галеоти го охрабрил да работи самостојно, а во јули 1975 година двајцата ја основале компанијата „Џорџо Армани“ во Милано. Истата година била претставена првата машка колекција, а потоа и женската линија.
Неговата модна револуција не била гласна. Армани ги отстранил тешките конструкции од сакоата, ги омекнал линиите и избрал воздржани бои. Машкиот костум станал поопуштен, додека женската деловна облека добила нова слобода и самодоверба.
Светската слава пристигнала во 1980 година, кога Ричард Гир ја носел неговата облека во филмот „Американски жиголо“. Филмот го претворил стилот на Армани во симбол на успех, софистицираност и модерност, а неговите креации набргу станале постојано присутни во Холивуд и на црвениот тепих.
Модната куќа подоцна се проширила со линиите „Емпорио Армани“, „Армани џинс“ и „Армани ексчејнџ“, како и со парфеми, мебел, ресторани, хотели и спортска опрема. Армани останал еден од ретките дизајнери што ја задржаа сопственичката и креативната контрола врз компанијата речиси до крајот на животот.
Една година по неговата смрт, модната куќа влегува во чувствителна деловна транзиција. Во тестаментот Армани предвидел продажба на почетен удел од околу 15 отсто, а подоцна и поголема продажба или излегување на берза. Како можни партнери биле наведени „ЛВМХ“, „Лореал“ и „ЕсилорЛуксотика“, додека наследниците се обидуваат да го развиваат брендот без да го изгубат препознатливиот потпис на неговиот основач.

