Навиката на бистрите луѓе не е постојано читање или собирање нови информации. Според психологот Марк Траверс, потребни се 20 до 30 минути дневно без телефон, музика, телевизија или други содржини, за умот да го обработи она што веќе го примил.
Тоа може да биде прошетка без слушалки, возење во тишина, туширање или извршување домашни обврски без екран во заднина. Кога вниманието не е насочено кон конкретна задача, мозокот ги поврзува идеите, се навраќа на претходните искуства и разгледува можни решенија.
Истражување објавено во „Сајентифик рипортс“ во 2025 година покажало дека талкањето на мислите за време на паузата може да биде поврзано со подобри резултати при креативното пишување. Научниците, сепак, не докажале директна причинска врска.
Помага и одењето. Анализа на 23 истражувања со повеќе од илјада испитаници покажала дека прошетката го поттикнува создавањето нови идеи, но не помага подеднакво при задачи што бараат само еден точен одговор. Истражување на Стенфорд претходно регистрирало просечно зголемување на креативната продуктивност од околу 60 отсто при одење.
Скролувањето на телефонот не го создава истиот ефект. Секое ново видео или порака му доставува дополнителни информации на мозокот и повторно го насочува вниманието нанадвор.
Неструктурираното време е најкорисно по период на вистинска концентрација, кога проблемот веќе бил разгледан, а потоа привремено оставен настрана. Ако мислите постојано се враќаат кон грижи и непријатни настани, паузата може да премине во исцрпувачко размислување.

