Дождот не го запре огнот: Каде сè уште гори во Македонија?

И покрај врнежите, пожари и натаму горат на повеќе локации низ Македонија. Во последниот целосен пресек на Центарот за управување со кризи, објавен денеска до 13 часот, четири пожари се водат како активни, додека Дирекцијата за заштита и спасување издвои два големи и особено сложени огнени фронта.

Најтешка е состојбата во пограничниот појас кај селата Грачани и Никиштане во Општина Ѓорче Петров. Пожарот, кој пред неколку дена се проширил од косовската страна, е активен од двете страни на границата. Горат трева, грмушки, ниски смреки и делови од мешовита шума.

Во гаснењето се вклучени скопски пожарникари, тимови на ДЗС, два „ер-трактори“, како и армиски и полициски хеликоптер. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше дека Грачани и Никиштане не се загрозени, иако чадот и мирисот на изгорено се чувствуваат во повеќе делови од Скопје.

Вториот голем пожар е на тешко пристапниот потег меѓу Струга и Дебар, во реонот на селата Буринец, Локов и Селци. Огнот зафатил голема површина со мешовита и нискостеблеста шума, а долгата пожарна линија го отежнува пристапот на екипите. На терен се струшките пожарникари, а за гаснењето е предвидена и воздушна поддршка.

Како активни во последниот пресек се водат и пожарите кај Октиси, каде што горат стрниште и нискостеблеста шума, како и на потегот меѓу Копаница и Бојане во Општина Сарај. Во поширокиот реон на Жеден повторно се појавуваат нови жаришта, откако пожарникарите претходните денови се бореа со голем пожар од скопската и од тетовската страна на планината.

Под контрола, но не и целосно изгаснати, последно се водат пожарите кај Копаница, каде што е зафатена ниска вегетација, и кај селото Брест, на месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде што горела мешовита шума.

Во текот на денот биле повторно запалени и пожари на Китка, во општините Студеничани и Зелениково, но екипите успеале да ги изгаснат. Ангелов предупреди дека новите жаришта ги распрснуваат противпожарните сили и го отежнуваат нивното концентрирање на двата најголеми пожари.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?