Околу 100 лица беа приведени во Барселона откако собир повикан преку социјалните мрежи во саботата, 24 октомври, прерасна во палење контејнери, грабежи и судири со полицијата. Според каталонската министерка за внатрешни работи, Нурија Парлон, приближно четвртина од приведените се малолетници, а 14 продавници биле оштетени или ограбени.
Учесниците се собрале на централниот плоштад Каталуња, по повици за протест „против системот“. Собирот не бил претходно пријавен, наведува каталонскиот весник „Ара“, повикувајќи се на полицијата. Првите поголеми тензии започнале околу 18:30 часот, кога дел од присутните фрлале предмети кон полицискиот кордон.
Групи маскирани лица потоа се распрснале по околните улици, кршеле излози и подигнувале барикади. Во немирите биле предизвикани повеќе од 30 пожари. Дел од продавниците ги спуштиле заштитните ролетни за да спречат упади, а на снимките што ги опишува Ројтерс се гледаат луѓе останати внатре по затворањето.
Каталонската полиција интервенирала по фрлањето камења и шишиња кон службениците. Градската полиција ги затворила приодите кон плоштадот, додека граѓаните биле повикани да го избегнуваат подрачјето. Во дел од вечерта бил ограничен и пристапот до метро и железничките станици во зоната, со пренасочување на патниците кон други постојки.
Телевизијата „Ла секста“ објави дека меѓу приведените има 27 малолетници. Според нејзиниот извештај, повиците за собирање се ширеле и преку Тикток, со користење на називот „Institut Indignats“, по примерот на неодамнешните младински мобилизации во Франција.
Каталонскиот премиер Салвадор Иља ги осуди насилството и уништувањето имот. Градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони, најави правни последици за одговорните и предупреди дека постапките може да ги опфатат и родителите или законските застапници на вклучените малолетници.

