Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека задржувањето на најдобрите млади инженери во земјата е стратешко прашање од кое зависат економскиот развој, технолошката конкурентност и долгорочниот опстанок на државата.
– Од нас зависи дали најдобрите инженери ќе останат во земјата. Тие се непроценлив капитал на државата – порача Сиљановска-Давкова денеска во Охрид, на свеченото доделување на признанието „Инженерски прстен 2026“.
Според претседателката, во време кога знаењето станува еден од најважните развојни ресурси, односот на институциите кон најобразованите, најталентираните и најкомпетентните млади луѓе директно влијае врз иднината на државата.
Таа нагласи дека создавањето услови младите инженери својот ум, талент и креативен потенцијал да ги реализираат во татковината не треба да се гледа само како прашање на образовната политика, туку како стратешка државна цел.
– Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги препознаеме и идентификуваме, но и навреме да ги вреднуваме, овозможувајќи им својот професионален потенцијал да го реализираат тука, дома, зависат нашата технолошка конкурентност и компетитивност, но и економскиот капацитет и развој на државата – рече Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека успехот на младите инженери не е само нивно лично академско достигнување, туку претставува и „непроценлив социјален капитал“ за државата.
Во тој контекст, претседателката го истакна значењето на инженерството како професија која научното знаење го претвора во конкретни решенија и го движи технолошкиот и економскиот развој.
Според неа, најголемите општествени и цивилизациски пресврти не се резултат само на новите научни откритија, туку и на способноста стекнатото знаење да се преточи во решенија што го менуваат начинот на живот, производството и комуникацијата.
– Наша обврска е да создаваме и да негуваме пријателски амбиент во кој тие ќе можат својата стручност и својот потенцијал да ги манифестираат и продуктивно да ги вложат во развојот на државата – порача претседателката.
14 млади инженери меѓу најуспешните
На годинашното, 23-то издание на „Инженерски прстен“, признанието го добија 14 млади инженери кои со своите резултати за време на студирањето се издвоиле како најуспешни претставници на своите генерации.
Меѓу добитниците се дипломирани инженери од архитектура, градежништво, машинство, електротехника и информатички технологии, земјоделски науки, информатика, дизајн и други инженерски области, од УКИМ, УКЛО, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот во Тетово.
Признанието е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а неговата цел е да ги афирмира знаењето, стручноста и посветеноста на најуспешните млади инженери.
Претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов, исто така упати порака до младите инженери да останат во земјата и своето знаење да го вложат во нејзиниот развој.
Тој како области во кои нивното знаење е особено потребно ги посочи модерната инфраструктура, Коридорите 8 и 10, енергетските и водостопанските проекти, дигитализацијата и развојот на современа дигитална инфраструктура.
– Останете во земјата. Знаете дека сте ни потребни. Потребен ни е вашиот ум за да ги проектираме, изведеме и завршиме големите стратешки проекти што ќе ги дефинираат нашите следни десет години – порача Лепавцов.
Свеченоста се одржа на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, каде што на 14-те млади инженери им беше врачено признанието што се смета за едно од најзначајните признанија за најуспешните дипломирани инженери во земјата.

