Сали од Даблин ја избра Европа, но клучната обврска останува во Скопје

Сали од Даблин порача дека Македонија ја избрала Европа и дека е подготвена да го исполни својот дел, но само еден ден претходно претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, потсети дека кандидатите напредуваат со спроведени реформи и исполнети обврски. Кога двете пораки ќе се постават една спроти друга, се гледа јазот меѓу владината европска реторика и клучниот услов што и натаму не е исполнет.

Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали учествуваше на неформалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија во Даблин. Таму рече дека проширувањето е геополитичка неопходност и инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа.

Сали побара пристапниот процес да биде правичен, предвидлив и заснован на заслуги, како и земјите кандидати постепено да се вклучуваат во европските програми, политики и во делови од Единствениот пазар.

Северна Македонија ја избра Европа. Подготвени сме да го исполниме нашиот дел“, порача Сали, очекувајќи реформите и резултатите да бидат препознаени со конкретен напредок.

Но, токму принципот на заслуги на кој се повикува Сали ја враќа одговорноста кај Владата. Коста од Софија порача дека секоја кандидатка мора да напредува според сопствените резултати, преку спроведување на реформите и почитување на претходно преземените обврски. Тој не ја именуваше Македонија, но пораката непосредно се однесува и на македонскиот застој.

Европската Унија повеќепати повтори дека е подготвена да ја заврши почетната фаза од преговорите веднаш по усвојувањето на договорените уставни измени. Тие треба да овозможат внесување на Бугарите и на други заедници во Уставот, согласно заклучоците од јули 2022 година. Оваа обврска сè уште не е исполнета, а првиот преговарачки кластер останува неотворен.

Владата, пак, бара гаранции дека уставните измени нема да бидат проследени со нови билатерални блокади, како и почитување на правата на Македонците во Бугарија. Тоа е нејзината официјална политичка позиција, но преговарачката рамка во меѓувреме не е променета, ниту е претставен рок или механизам со кој застојот би се надминал.

Не може да се каже дека целосно отсуствуваат реформски резултати. Европската комисија во јули соопшти дека Македонија добила 142,1 милион евра преку Инструментот за реформи и раст, по исполнување дел од предвидените чекори. Сепак, Европскиот парламент претходно изрази жалење поради недоволниот напредок во владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата, повторно посочувајќи ги и уставните измени.

Затоа изјавата на Сали дека државата е подготвена да го исполни својот дел звучи посилно во Даблин отколку што изгледа во Скопје. Подготвеноста останува декларативна сè додека Владата бара напредок за посветеноста, а европските институции го условуваат со донесени одлуки и спроведени реформи.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?