Новост на TikTok, коментарите стануваат нова сцена: Глас, анкети и фотоалбуми

Коментарите на TikTok стануваат нова сцена за разговори, реакции и директно гласање, откако платформата најави гласовни коментари, анкети и споделување повеќе фотографии под видеата. Новите алатки постепено ќе им стануваат достапни на корисниците низ светот во текот на следниот месец.

Најголемата промена се гласовните коментари. Наместо да пишуваат, корисниците ќе можат да го притиснат микрофонот и да снимат порака во траење до 60 секунди. Објавениот коментар ќе може да го слушне секој што има пристап до видеото.

Функцијата ќе биде достапна само за сметки на корисници постари од 18 години. TikTok најавува глобално воведување, но тоа ќе се одвива постепено, што значи дека нема сите корисници истовремено да ја добијат новата можност.

Промени пристигнуваат и кај анкетите. Креаторите ќе можат директно во коментарите под сопственото видео да постават прашање со најмногу пет понудени одговори, да го определат времетраењето на гласањето и да ги следат резултатите во реално време. Анкетите во коментарите веќе се достапни глобално.

TikTok ги проширува и можностите за споделување фотографии. Корисниците ќе можат во еден коментар да објават до девет фотографии, додека подвижните фотографии од мобилниот телефон ќе се прикажуваат со кратко движење. Фотоалбумите ќе се воведуваат во текот на следниот месец, а подвижните фотографии веќе се достапни глобално.

Зад промената стои обидот на TikTok да ги задржи корисниците подолго во делот за коментари. Според компанијата, на платформата секојдневно се објавуваат повеќе од 1,7 милијарди коментари, со што просторот под видеата станува речиси посебна содржина.

Гласовните реакции носат и нов предизвик за контролата на навредите и говорот на омраза. Од TikTok за TechCrunch посочиле дека и аудиопораките ќе подлежат на правилата на заедницата, а проверката ќе се врши со автоматски системи, претворање на говорот во текст и човечка модерација.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?