Водно и Матка добиваат постојана Планинска спасителна служба

Водно и кањонот Матка, две од најпосетуваните рекреативни и туристички локации во земјата, наскоро ќе добијат постојана Планинска спасителна служба. Иницијативата има за цел да обезбеди побрза и поефикасна реакција при несреќи, повреди и случаи на изгубени посетители, кои особено зачестија во последните години.

Според најавите, новата служба ќе биде стационирана во непосредна близина на двете локации и ќе располага со обучени спасувачи, специјализирана опрема и возила за интервенции на тешко пристапен терен. Со тоа значително ќе се намали времето потребно за реакција во итни ситуации.

Потребата од постојана спасителна служба станува сè поизразена поради континуираниот раст на бројот на планинари, рекреативци, велосипедисти и туристи кои ги посетуваат Водно и Матка. Само во изминатите денови спасувачките тимови интервенираа во неколку акции, меѓу кои извлекување на планинар со здравствени проблеми на Бистрица и пронаоѓање на романски турист кој се изгуби во кањонот Матка.

Од надлежните институции очекуваат новата организација да овозможи побезбедно користење на планинските патеки, побрза медицинска интервенција и подобра координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи и Итната медицинска помош.

Водно и Матка секоја година привлекуваат десетици илјади посетители, а покрај туристичките прошетки се користат и за планинарење, спортско качување, велосипедизам, кајак и други активности на отворено. Надлежните потсетуваат дека, и покрај новите безбедносни мерки, посетителите треба да се движат по обележани патеки, да ја следат временската прогноза и да користат соодветна опрема при престој во планина.

Најчитано