Нов инцидент поврзан со војната во Украина ја зголеми загриженоста во регионот, откако руски беспилотен дрон се урна на територијата на Молдавија. Молдавските власти соопштија дека нема повредени, но предупредија дека руските напади врз Украина претставуваат директен безбедносен ризик и за соседните држави.
Според Министерството за надворешни работи на Молдавија, леталото било откриено по ноќниот руски напад врз украинска територија. На местото на падот биле испратени полициски и пиротехнички екипи, кои го обезбедиле просторот и започнале истрага за потеклото и околностите под кои дронот завршил во Молдавија.
Од молдавската влада порачаа дека ваквите инциденти ја потврдуваат опасноста од прелевање на војната надвор од границите на Украина. Претседателката Маја Санду и претходно предупредуваше дека земјата мора да ги зајакне капацитетите за воздушна одбрана поради зачестените нарушувања на воздушниот простор и падови на беспилотни летала.
Ова не е прв ваков случај. Во изминатите месеци молдавските власти регистрираа повеќе случаи на пад на дронови или нивни остатоци на своја територија, најчесто во периоди кога Русија изведува масовни воздушни напади врз украинската енергетска и воена инфраструктура. Слични инциденти беа забележани и во Романија, што дополнително ги зголеми безбедносните грижи на источната граница на НАТО и Европската Унија.
Молдавија, која има статус на кандидат за членство во Европската Унија, останува една од земјите најдиректно погодени од последиците на војната во соседна Украина. Покрај безбедносните ризици, земјата се соочува и со енергетски и економски притисоци, а властите повторно апелираа до меѓународните партнери за поддршка во зајакнувањето на националната безбедност.
