Десет лица загинаа, а околу 100 се повредени во руски балистички напад врз приватен полигон во Киевската Област, каде се одржувал настан со претставници на украинската одбранбена индустрија. Бројот на жртвите сè уште се потврдува.
Нападот бил извршен во текот на денот. Според украинските воздушни сили, Русија истрелала три балистички ракети, од кои една била пресретната, додека две погодиле цели во Киевската Област.
Украинското обвинителство отвори истрага за кршење на законите и обичаите на војувањето. Отворена е и посебна постапка поради сомнение за несовесно организирање на настанот во услови на воена состојба.
Истрагата треба да утврди кој ја одобрил локацијата, времето и форматот на собирот, какви безбедносни мерки биле преземени и дали ризикот од руски напад бил соодветно проценет.
Украинскиот Совет на одбранбената индустрија потврди дека на локацијата имало претставници на секторот, но соопшти дека не бил организатор на настанот. Спасувачките и полициските екипи продолжија да работат на местото на нападот.
