Зеленски: Путин подготвува нова мобилизација

Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Владимир Путин создава услови за проширување на мобилизацијата во Русија, бидејќи загубите на руската армија, според украинските разузнавачки податоци, го надминуваат бројот на новопримени војници.

Зеленски изјави дека во првите неполни седум месеци од 2026 година во руските вооружени сили биле примени околу 221.000 луѓе, додека загубите достигнале приближно 225.500 војници. Според неговите тврдења, меѓу нив има 131.000 загинати и речиси 93.000 ранети.

„Путин се подготвува едноставно да испрати повеќе Руси во војна. Тоа го прикрива со различни зборови и сигнали, но токму тоа го подготвува“, рече Зеленски, повикувајќи ги западните партнери да го засилат притисокот врз Москва.

Наведените податоци за руското регрутирање и загубите се засноваат на информации од украинските власти и не можат независно да се потврдат. Украински извори и претходно предупредуваа дека Москва не ги исполнува планираните квоти за регрутација и дека може да започне нов бран мобилизација во текот на есента.

Зеленски тврди и дека Русија се подготвува да прими уште 30.000 севернокорејски војници и дека од јуни во регионот Воронеж се вршат подготовки за нивно распоредување. Тој наведе дека Северна Кореја планира да испрати и дополнителни лансери за балистички ракети.

Украинскиот претседател оцени дека плановите на Москва за есента не укажуваат на намера за завршување на војната и порача дека Украина, заедно со партнерите, мора да биде подготвена за можната ескалација.

Најчитано