Авион на „Норвегијан ер шатл“ што летал од Осло кон Дубровник бил пренасочен кон Виена, откако екипажот забележал пукнатина на предниот прозорец во пилотската кабина.
Летот DY1922 полетал од Осло во 6:45 часот и требало да пристигне на аеродромот „Руѓер Бошковиќ“ во Дубровник околу 9:40 часот. Пилотите побарале приоритетно слетување на најблискиот соодветен аеродром, по што авионот безбедно слетал во Виена.
Од авиокомпанијата соопштиле дека капетаните ја забележале пукнатината и од безбедносни причини одлучиле авионот да биде приземјен за технички преглед. Во инцидентот нема повредени патници или членови на екипажот.
Станува збор за авион „боинг 737-800“, стар нешто помалку од 12 години. Податоците за летот потврдуваат дека авионот бил пренасочен, наместо да слета на планираната дестинација во Дубровник.
За патниците било најавено обезбедување заменски авион со кој патувањето од Виена кон Дубровник требало да продолжи во попладневните часови. Авионот со оштетениот прозорец ќе остане на техничка проверка пред повторно да биде вратен во сообраќај.
