Една недела по финалето на Светското првенство во Канада, САД и Мексико, словенечкиот судија Славко Винчиќ официјално ја заврши својата судиска кариера.
Винчиќ го судеше финалето на Мундијалот каде беше прогласен и за најдобар судија на Светското првенство.
Судијата од Марибор стана првиот словенечки судија кој судел финале на Светско првенство за мажи.
Така го зацврсти својот статус како еден од најдобрите судии во историјата на фудбалот. Како највисоко признание за неговата проштална сезона, Меѓународната федерација за фудбалска историја и статистика (ИФФХС) го прогласи за најдобар судија на ова Светско првенство. Ја освои и престижната награда Џулио Кампанати од судиите во Италија за најдобар на Светското првенство.
Роден во Марибор на 25 ноември 1979 година, Винчиќ се приклучи на листата на меѓународни судии на ФИФА во 2010 година.
Словенечкиот судија помина низ многу за да стигне до оваа точка, а пред шест години беше во центарот на голем скандал во Босна и Херцеговина. Тогаш беше приведен во Бијељина како дел од полициска операција поврзана со аферата на српската старлета Тијана Максимовиќ, позната како Тијана Ајфон, која е осомничена за проституција и подведување.
За време на полициската операција „Кристал“ во Бијељина, спроведена под сомнение за организирана проституција, трговија со дрога и нелегално поседување оружје, Винчиќ беше меѓу 10-те лица уапсени на ранч каде што се одржуваше забава.
Во рацијата беа приведени голем број лица, вклучувајќи го и Винчиќ, но тој беше ослободен подоцна истиот ден и вратен во Словенија. Полицијата заплени кокаин, оружје и повеќе од 10.000 евра.
На крајот се покажа дека Винчиќ бил доведен само на сослушување како сведок и не бил казнет на никаков начин.
