Не стивнува бројот на заболени во Гостивар: Нови 127 пациенти

Бројот на заболени во Гостивар не стивнува ниту две недели по првиот наплив на пациенти со стомачни тегоби. Во текот на 26 јули, во Општата болница и во Здравствениот дом биле извршени 127 први прегледи поради симптоми на гастроентероколит, а двајца пациенти биле хоспитализирани.

Новата дневна бројка е за двајца пациенти повисока од претходниот ден, кога биле регистрирани 125 први прегледи. Во Општата болница биле прегледани 91 пациент – 41 на инфективното одделение и 50 на педијатрија. Уште 36 пациенти побарале помош во Здравствениот дом.

Двете нови хоспитализации се евидентирани на инфективното и на педијатриското одделение. Зголемувањето е особено забележливо кај децата, откако на педијатрија биле прегледани десет пациенти повеќе во споредба со претходниот дневен пресек.

Од 14 до 26 јули, во двете гостиварски здравствени установи биле регистрирани вкупно 4.197 први прегледи. Од нив, 2.351 биле извршени во Општата болница, а 1.846 во Здравствениот дом.

Бројот на прегледи не е ист со бројот на формално пријавени случаи на заразната болест. Досега се поднесени 833 пријави, 32 повеќе од претходниот ден, додека епидемиолошките служби анкетирале 563 пациенти, односно околу 68 проценти од пријавените.

Претходно, министерот Тошковски истакна дека водата е исчистена од фекалии и може да се користи за бањање и миење садови, но сè уште не е за пиење или готвење, рекоа надлежните и дека со континуиран мониторинг ќе се следи квалитетот на водата сè додека не се потврди дека е исправна за пиење.

Најчитано