Првостепената неправосилна пресуда на судот во полза на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски против уредникот и новинарот Џабир Дерала и понатаму е предмет на интерес на јавноста, откако Дерала повика сериозно да се разгледа случајот со оваа пресуда за клевета, бидејќи, како што вели, политичарот ја злоупотребува во остварувањето на цели насочени против слободата на говорот и демократијата.
Според новинарот, нападот на Мицкоски против има карактер на лична пресметка, но целта е да се дискредитираат и заплашат неистомислениците, а особено носителите на прогресивните идеи и ставови.
„Вака изгледа срамот од лагите на власта, уште еднаш осудени се дека клеветат. На големиот христијански празник Прочка водеа кампања со лаги, навреди и измислици по кој знае кој пат овие пет години, против мене и моето семејство. Сакаа да ме изедначат со нив и претстават како политички профитер и криминалец. За таа цел СДСМ и ДУИ ги вклучија сите свои медиумски слуги да ме навредуваат мене и честа на моето семејство со лаги, измислици и конструкции. На тој подол начин мислеа дека ќе спечалат на краток рок некој политички поен. Не успеаја…, а денес ја добив пресудата во прв степен, а еден од тие медиумски слуги е осуден дека сторил клевета, со изнесување невистини и се задолжува на негов трошок да ја објави пресудата во еден дневен весник. www.frontline.mk го прекршил членот од 8 од ЕКЧП како и кодексот на новинари на Македонија. Можеби мала утеха, но доволна за лична сатисфакција…“, напиша Мицкоски за Дерала на социјалните мрежи на 20 јуни, по објавата на првостепената пресуда.
Во анализата на Дерала се наведува дека во оваа објава постојат опасни преседани кои може да имаат долготрајно негативно влијание врз работата на медиумите и слободата на говорот воопшто.
Најпрвин заради употребата на изразот „лагите на власта“ – дали е тоа наследството од Груевски, според кого медиумите „природно“ ѝ припаѓаа на власта. Односно не се прави разлика меѓу медиуми, граѓанско општество и власт, што беше одлика на заробената држава од 2016 година.
Дел од забелешките се и однесуваат и на невоздржаност на Мицкоски кој си поигрува со религиозните чувства на граѓаните. Споменувањето „голем христијански празник“ е целосно неважно во целиот контекст и според Дерала ова има за цел да испровоцира говор на омраза по верска основа, манипулирајќи со верските чувства на граѓанките и граѓаните.
Уредникот појаснува дека сè започнало со еден текст што е пренесен на неколку портали, па и на оние во тој е одговорното лице, но поради реакцијата на Мицкоски, во која тој навредува, клевети и се заканува – не добил извинување за текстот.
Воедно, се критикува и спорниот дел од неговата Фејсбук објава каде Мицкоски самиот пишува дека во „спорните“ објави бил наречен профитер и криминалец, а такви тврдења во текстот нема.
Понатаму, политизирајќи ги нештата, Мицкоски обвинува дека зад текстот стојат медиумски слуги и се служат со „лаги, измислици и конструкции“.
Дерала коментира дека Мицкоски сака да биде главен опозиционер, но има голем проблем со критиката. Токму од овие причини новинарот го поставува прашањето дали и тој да покрене тужба заради ваквите квалификации.
Р. Р.