СДСМ: За три недели 73 милиони евра нов долг, цените продолжуваат да растат

СДСМ

Владата ја задолжува државата речиси секоја недела, додека граѓаните се соочуваат со повисоки цени на основните производи и горивата, обвини СДСМ.

Од опозициската партија наведуваат дека на 14 јули државата се задолжила со седум милиони евра од државните претпријатија, на 29 јули со 25 милиони евра од Светската банка, а на 5 август со дополнителни 41 милион евра преку три нови емисии државни обврзници.

„За само три недели, нов долг од над 70 милиони евра. За две години над 2,5 милијарди евра ново задолжување. Ова не е економска политика. Ова е политика на постојано задолжување за покривање на тековни трошоци и тендери“, соопшти СДСМ.

Од партијата обвинуваат дека инфлацијата ја намалува вредноста на платите и пензиите, цените на основните производи и горивата растат, минималната плата останува непроменета, а вредноста на синдикалната потрошувачка кошница постојано се зголемува.

СДСМ тврди и дека Македонија изгубила повеќе од 60 милиони евра од ИПА-фондовите за железничката пруга кон Бугарија на Коридорот 8, бидејќи Владата не избрала изведувач. Според партијата, потребните средства сега ќе треба да се обезбедуваат преку ново задолжување.

„Оваа Влада нема економска стратегија. Има само стратегија за преживување преку задолжување, на грбот на граѓаните и на идните генерации“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Најчитано