Грчка партија во Србија против споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад

Граѓанската партија на Грците во Србија побара од властите во Нови Сад да ја отфрлат иницијативата за поставување споменик со името „Мајка Македонија“. Од партијата оценија дека споменикот би претставувал „длабоко непочитување кон грчкиот народ и држава“.

Иницијативата ја поднесе Националниот совет на македонското национално малцинство по повод 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина. Советот за култура и информирање на Собранието на Нови Сад на 3 август ја разгледа иницијативата и одлучи да побара стручни мислења од ЈП „Урбанизам“ и од градскиот Завод за заштита на спомениците на културата.

Грчката партија го оспорува и предложеното име на споменикот. Според неа, употребата на називот „Мајка Македонија“ на јавен простор во Србија претставува историски и географски ревизионизам и присвојување на име што партијата го поврзува со грчкото историско наследство.

Од партијата оценија и дека поставувањето на споменикот во Нови Сад, град кој го носи епитетот „Српска Атина“, би било директна провокација кон Грција и грчкиот народ. Во соопштението направија споредба и меѓу статусот на регионот Македонија во Грција и статусот на Косово во Србија.

Граѓанската партија на Грците потсети дека Грција не ја признава независноста на Косово и ја поддржува територијалната целовитост на Србија, додека Македонија ја призна независноста на Косово.

Според образложението на Националниот совет на Македонците, споменикот треба да биде симбол на зачувувањето на идентитетот, сеќавањето на корените и благодарноста кон средината во која македонската заедница живее и создава.

Идејното решение предвидува бронзена скулптура на жена во традиционална македонска носија со две деца. Едното дете би било свртено кон Србија, а другото кон Македонија, како симболична врска меѓу двете земји. Скулптурата би била висока два метра и поставена на постамент од околу 40 сантиметри, а автор на решението е вајарот Синиша Новески.

Конечната одлука за иницијативата ќе биде донесена откако Советот за култура и информирање ќе ги добие мислењата од надлежните урбанистички и конзерваторски институции.

Најчитано