Десетина лица им се заканувале и физички нападнале млади активисти на СДСМ за време на денешната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Ново Село, тврди опозициската партија.
Според соопштението, младите социјалдемократи мирно го пречекале Мицкоски со порака поврзана со кризата со водата во Гостивар.
„Гостивар се труе, вие сте виновни“, била пораката што ја истакнале активистите, по што, како што наведува СДСМ, кон нив се упатиле околу десет лица кои им се заканувале, ги нападнале и се обиделе да ги замолчат.
Од СДСМ тврдат дека меѓу лицата кои учествувале во инцидентот бил и возачот на градоначалникот на Ново Село, Наско Димитриев. Во партиското соопштение не се наведуваат детали дали во нападот има повредени лица.
„Кога нема аргументи, праќаат луѓе да тепаат. Кога нема резултати, шират страв. Кога народот прашува за труењето во Гостивар, тие напаѓаат млади“, соопшти СДСМ.
Партијата побара Министерството за внатрешни работи веднаш да ги идентификува и уапси сите лица кои учествувале во инцидентот.
„Сите до еден. Без селективност и без заштита“, порачаа од СДСМ, додавајќи дека младите активисти нема да бидат замолчени со закани и насилство.
Посетата на Мицкоски на Ново Село беше организирана во рамки на партискиот собир „Македонија забрзува – вовед во новиот почеток“, закажан за вечерва на игралиштето во ООУ „Мануш Турновски“.
