Жени во Русија се обвинети дека склучуваат фиктивни бракови со војници непосредно пред нивното заминување на фронтот во Украина, со цел по нивната смрт да добијат државна отштета, осигурување и наследство. Во руските медиуми тие се нарекуваат „црни вдовици“.
Според истражувањето на CNN, измамите најчесто се насочени кон осамени, сиромашни или социјално ранливи мажи без блиски роднини. Бракот се склучува непосредно пред потпишувањето на воениот договор или заминувањето на фронтот, а во некои случаи и додека војниците се тешко ранети во болница.
Со руските прописи е предвидена еднократна исплата од најмалку пет милиони рубљи за семејството на загинат војник. Меѓу лицата што имаат право на дел од парите се брачниот партнер, родителите, малолетните деца и други законски утврдени членови на семејството. Дополнителните воени, осигурителни и регионални исплати можат значително да ја зголемат вкупната сума.
Еден од случаите што предизвикаа најголемо внимание е приказната за жена од Санкт Петербург, која тврди дека нејзиниот 59-годишен татко склучил брак со непозната жена два дена пред да потпише договор со руската војска. Семејството дознало за бракот и неговата смрт дури откако тој бил испратен во Украина.
Во друг случај, медицинска сестра во воена болница била обвинета дека последователно се омажила за петмина тешко ранети војници непосредно пред нивната смрт, по што ги добивала исплатите наменети за семејствата на загинатите. Случајот беше објавен од руски воени дописници и медиуми, но не беа соопштени целосни официјални податоци за судската постапка.
Внимание предизвика и изјавата на агентката за недвижности Марина Орлова, која во поткаст им советуваше на жените да најдат војник, да се омажат за него и со парите по неговата смрт да купат стан. Судот во Томск ја казни Орлова со 80 часа општокорисна работа, а водителката Дарија Черданцева со 85 часа.
Руските судови веќе поништувале права на исплати кога ќе утврдат дека бракот бил фиктивен. Во Рјазањ, вдовицата на војникот Георгиј Костирко останала без правото на отштета откако судот утврдил дека сопружниците немале заедничко домаќинство, имот или деца и дека војникот започнал постапка за развод пред да загине.
Во Приморскиот крај се истражуваше и посложена шема во која припадници на воена единица наводно пронаоѓале мажи без блиски роднини, ги убедувале да потпишат договор со војската и им организирале фиктивни бракови. Според обвиненијата објавени во руските медиуми, дел од регрутите потоа биле испраќани на особено ризични борбени задачи.
Рускиот Истражен комитет во јули соопшти дека по друг случај во Краснојарскиот крај се осудени поранешен полицаец, банкарска службеничка и нивна соучесничка. Тие, меѓу другото, убедиле војник да склучи брак со жена вклучена во измамата, очекувајќи подоцна да ги добијат исплатите, но планот не бил довршен.
Зголемениот број семејни спорови и истраги ги засили повиците во Русија за построги проверки на браковите склучени непосредно пред заминувањето на војниците на фронтот и за подобра заштита на родителите и децата на загинатите.
